Се отвораат нови работни места: Почна изградбата на фабриката на „Шахтерм“ во ТИРЗ Скопје
Со поставување камен темелник денеска беше означен стартот на инвестицијата на турската компанија за произведство на грејачи и отпорници за бела техника и електрични апарати „Шахтерм“ во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) - Скопје.
- Инвестицијата во првата фаза ќе изнесува 25 милиони евра со 200 нови работни места, додека планот е оваа инвестиција да има и втора фаза каде што вкупната вредност на оваа инвестиција ќе изнесува 50 милиони евра и бројот на вработени се планира да биде над 500, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Тој оцени дека ова е проект што ја развива економијата и ја потврдува стабилноста и напредокот на нашата земја, со што ќе придонесе за зајакнување на македонската индустрија и извоз. Потенцираше и дека последните економски показатели се охрабрувачки.
- Индустриското производството во март 2025 година е пораснато за 5,2 проценти на годишно ниво споредено со март 2024 година. Странските директни инвестиции за 2024 година достигнаа 1,255 милијарди евра, со што ја направија Македонија земја со најголем број странски инвестиции по глава на жител во Европа. Инфлацијата во март месец е под 3 проценти, 2,7 проценти, а во април е 2,6 проценти на годишно ниво. Платите растат од 9 до 10 проценти на годишно ниво, што е знак дека се бориме против сиромаштијата и сме за зголемување на животниот стандард на нашите граѓани. Во првиот квартал од 2025 година имаме раст на кредитната активност на бизнисите и граѓаните од 13 проценти коишто е за 6 пати повеќе од оној којшто е во рамките на Европската Унија. Со сите овие економски показатели, параметри Македонија е на добар пат да биде во најбрзо растечките економии во Европа, рече Мицкоски.
Инвестицијата со која ќе се гради објект со површина од над 13.000 квадратни метри, опфаќа и центар за истражување и развој, а ќе биде прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Турција.
Турскиот амбасадор Фатих Улусој изрази задоволство од стартот на инвестицијата на Шахтерм, која произведува грејачи и отпорници за водечките светски брендови на бела техника и електрични апарати, и истакна дека турските компании имаат важна улога во развојот на земјата обезбедувајки вработување за 10 илјади лица во државава.
-И ние ги охрабруваме турските бизнисмени да инвестираат во оваа земја и ќе продолжиме да го правиме тоа. Компанијата Шахтерм, на чија фабрика денес ги поставуваме темелите, ќе го заземе своето место меѓу компаниите кои гордо ја претставуваат нашата земја во Северна Македонија и ќе го зголеми придонесот на нашите компании за економијата на Северна Македонија, рече Улусој.
Имаме заедничка волја, додаде, трговската размена која се приближи до ниво од 1 милијарда долари, да ја зголемиме на 2 милијарди долари. Очекувааат што е можно поскоро да започнат преговорите за ажурирање на Договорот за слободна трговија од 1999 година, за кој веруваат дека ќе биде од корист за постигнување на оваа цел.
-Минатиот декември го одржавме бизнис форумот помеѓу Туркије-Северна Македонија со учество на нашиот министер за трговија, а вчера го одржавме 9-тиот Балкански економски самит со присуство на заменик-премиерот Веруваме дека овие настани ќе придонесат за понатамошно унапредување на економската и трговската соработка меѓу нашите земји. Со многуте компании и организации кои работат во земјата, особено во банкарството, образование, култура, здравство, одбранбена индустрија, индустриско производство, обновливи извори на енергија, туризам, градежништво, земјоделство, текстил и конфекција, преработувачка индустрија, малопродажба како и во многу области Туркије непрекинато ги продолжува своите економски врски и инвестиции со Северна Македонија, рече турскиот амбасадор.
Фарук Шахин, претседател и основач на Шахтерм, ја претстави компанијата, посочувајќи дека 60 отсто од своето производство го извезува. Компанијата „Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. „Шахтерм“ момнтно е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција. Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа