Жителка на јужнокорејскиот град Осан се соочува со кривично гонење, откако се обидела да убие лебарка со импровизиран „фрлач на пламен“ и предизвикала пожар во станбена зграда.

Во големиот инцидент, едно лице загина, пренесува Би-Би-Си.

Огнот ги зафатил предметите во станот

Според наводите на полицијата, жената во дваесеттите години се обидела да ја убие лебарката користејќи запалка и запалив спреј – метода која, како што признала, ја користела и претходно. Меѓутоа, овојпат огнот излегол од контрола и ги зафатил предметите во нејзиниот стан, предизвикувајќи пожар.

Една сосетка, државјанка на Кина во триесеттите години, загинала откако паднала од прозорец во обид да побегне од запалената зграда.

Несреќната жена паднала од прозорецот

Според извештаите на медиумите, несреќната жена живеела на петтиот кат со сопругот и двомесечното бебе. Кога го забележале пожарот, парот се обидел да се евакуира преку прозорецот, бидејќи густиот чад и огнот ги блокирале скалите. Најпрво, тие го предале бебето на сосед од соседната зграда преку прозорецот.

Сопругот успеал да премине на друг балкон, но жената ја немала таа среќа – паднала при обидот да се префрли и починала неколку часа подоцна во болница.

Осум станари побарале помош

Зградата во која се случил инцидентот има продавници на приземјето и 32 станбени единици на катовите. Освен загинатата жена, осум станари побарале лекарска помош поради вдишување чад.

Полицијата ќе побара налог за апсење на жената која го предизвикала пожарот и разгледува подигнување обвинение за предизвикување пожар и убиство од небрежност.

Exit mobile version