Годишната инфлација во Турција за јануари се забави на 30,65 проценти од 30,89 проценти во декември, но месечниот раст на цените се забрза на 4,84 проценти, што е најбрзото темпо за една година, предизвикувајќи загриженост на пазарот.

Овие резултати покажуваат дека почетниот ефект од намалувањето на инфлацијата исчезнал, особено поради сезонските зголемувања на цените на храната и другите производи, објавува „Блумберг“.

Најголем придонес кон годишниот раст на инфлацијата во јануари имаа домувањето, енергијата и комуналните услуги, со скок на цените од 45,36 проценти, како и храната и безалкохолните пијалоци (31,69 проценти) и транспортот (29,39 проценти), објави Турскиот статистички институт (Туркстат).

Во истиот период, месечното зголемување на цените во Турција беше најизразено кај храната и безалкохолните пијалоци 6,59 проценти, транспортот 5,29 проценти и домувањето и енергијата 4,43 проценти. Месечните скокови на цените во јануари се резултат на комбинација од фискални и сезонски фактори: зголемување на цените на горивото, тутунот, алкохолот, како и зголемување од 27 проценти на минималната плата на почетокот на годината.

Exit mobile version