Симеон Михаилов, таткото на Ива Михаилова, повторно се огласи од Бугарија, овојпат со тврдење дека вниманието намерно било насочено кон него затоа што, според него, нема докази против неговата ќерка.
Во видеообраќањето Михаилов вели дека случајот со неговото криминално минато бил актуелизиран токму во моментот кога во јавноста повторно се отвори прашањето за судскиот процес против Ива Михаилова. Тој тврди дека станува збор за обид да се дефокусира јавноста од, како што вели, недостигот на докази против неговата ќерка.
Михаилов ги оспорува и наводите и пресудата против него и повторува дека бил жртва на монтиран процес. Сепак, во Македонија тој е правосилно осуден на 12 години и шест месеци затвор во случајот „Детонатор“ и по него е распишана меѓународна потерница.
Михаилов беше осуден за обид за убиство, а предметот „Детонатор“ опфаќаше и тешки кривични дела поврзани со насилство и злосторничко здружување. Првично му била изречена доживотна затворска казна, која подоцна во судска постапка била намалена.
Неговиот случај повторно се најде во фокусот откако тој јавно се појави во Софија и во бугарските медиуми почна да ја брани својата ќерка Ива, на која во Кочани ѝ се суди за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по несреќа во која едно лице го загуби животот.
Ива Михаилова ја негира вината, а нејзиниот татко тврди дека постапката против неа е неправедна. Македонските власти, пак, побараа од Бугарија да постапи по потерницата за Симеон Михаилов и тој да биде испорачан во Македонија за издржување на затворската казна.


