СДСМ во сабота на конгрес ќе одлучува за носителите на листи и за кандидатите за пратеници


Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија во сабота на Конгрес ќе одлучува за кандидатите за пратеници и носителите на листи.


Ова го најави вчера потпретседателот на партијата Стефан Богоев во интервју на емисијата Анализа на ТВ 24.

Богоев рече дека при изборот ќе се води сметка за рејтингот, кредибилитетот и реномето на личностите, а секако ќе се внимава и на родовата и регионалната застапеност.


Според него, СДСМ е на вистинската страна, страна којашто е прогресивна, страна којашто води кон Европската Унија, кон напредок, кон повисоки плати, пензии, нови патишта, болници, училишта.


-Ние имаме јасна визија за иднината на државата и отворено ја кажуваме. Ние донесовме тешки одлуки, но тие одлуки беа за повисока цел. Благодарение на тоа нашата држава сега е рамноправна членка на НАТО, а ние не се плашиме да кажеме дека нашата идеја е членство во Европската Унија. За разлика од Мицкоски кој вели дека ни за 100 години нема да влеземе во ЕУ, ние сакаме Македонија да стане дел од тоа друштво кое носи повисоки плати и пензии, подобро здравство, поквалитетно образование, рече Богоев.

Потпретседателот на СДСМ, говорејќи за предизборните анкети, истакна дека ВМРО ДПМНЕ повторно го „прави истиот филм“ како во 2020 година кога СДСМ победи на парламентарните избори и ја формираше владата.

 

-ВМРО ДПМНЕ се расфрла со анкети и бројки на освоени пратенички мандати, но не кажуваат што ќе прават доколку дојдат на власт. Погледнете ги нивните носители на листи и ќе видите дека тие не нудат ништо ново. Ако го анализирате малку подлабоко однесување на ВМРО ДМПНЕ, ќе видите дека тоа е бледа копија на владеењето и на реториката на Никола Груевски. Во тоа време овие луѓе беа трет ешалон, приучиле нешто и сега сакаат истото тоа да го вратат на сцена, рече Богоев.

19.03.2024 - 10:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега