СДСМ: Власта има пари за авион а нема за поголеми плати за наставниците

 

Јованче Манасков, член на Комисијата за образование и наука на СДСМ, денеска изјави дека Генералното Собрание на Обединетите Нации во 2018г. го прогласи 24 јануари за Меѓународен ден на образованието со единствена цел - да се истакне улогата на образованието во развојот на светот.

Во продолжение ви го пренесуваме соопштението во целост:

На денешниот Меѓународен ден на образованието, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја испраќа пораката, дека образованието не смее да биде заложник на партиски интереси, туку основа за напредок на државата.

За жал на овој ден кога државите во светот ставаат силен акцент на развојот на образованието, бележат галопирачки успеси преку унапредување на овој ресор, македонскиот образовен систем е во хаос.

Наместо вложувања во напредок, нашето образование е вратено деценија наназад, без никаква визија и решенија за унапредување на системот кој треба да биде влог во нашата иднина.

Власта ги занемари најважните прашања поврзани со образованието, го остави како последна алка во општеството.

За ДПМНЕ очигледно не е приоритет да инвестираат во современ и квалитетен образовен систем, да го вреднуваат трудот на наставниците.

Нивните приоритети се видливи - тендери, луксуз, недомаќинско трошење на парите на граѓаните, лично богатење, прошетки на сметка на државниот буџет.

Власта носи закони за образование без јавна дебата, стручната јавност е исклучена од создавањето законски решенија кои ќе бидат важни за образованието на генерациите кои доаѓаат.

На денешниот Меѓународен ден на образованието, срамно е да зборуваме за статусот на наставниците во Македонија, за нивните ниски плати, за работните услови, за инвестирање во образовната инфраструктура - генерално за квалитетот на целокупниот образовен систем.

Секогаш кога ДПМНЕ е на власт, го руши дигнитетот и авторитетот на вработените во образованието.

Власта има стотици милиони евра за нов авион ама нема пари за поголеми плати на наставниците.

И по 7 месеци од Владата на Мицкоски, нема ниту еден наставник ниту стручен соработник кој кариерно напредувал. Платите на наставнците се понижувачки.

Тие се оштетени за над 4.300 денари од почетокот на учебната 2024/2025 година.

Секојдневно се под притисок на заканувачките изјави на министерката за образование Весна Јанеска и ДПМНЕ дека има вишок од над 3.000 наставници.

Нивниот статус е неизвесен заради безидејната образовна структура на ДПМНЕ и нивната неспособност за креирање на развојни мерки за современо образование.

Во седумгодишниот мандат, СДСМ и покрај блокадите на ДПМНЕ, го озакони статусот на наставниците и стручните соработници, со јасно дефиниран кариерен и професионален развој и бенефит кој произлегува од стекнатото звање.

Платите на вработените во образованието повеќекратно ги зголемивме, кумулативно над 55 %. За прв пат после 2 децении вработените во образованието добија К-15 или регрес за годишен одмор од над 10.000 денари.

Се укина екестерното тестирање, а наставниците не беа подложни на притисоците и заканите за нивното работно место. Формиравме ресурсни центри за поддршка на учениците со посебени образовни потреби и вработивме над 800 образовни асистенти.

Ја намаливме административната работа на наставниците оставајќи простор за нивна автономија во организацијата и реализацијата на наставниот час и времето поминато во училиште.

На крај, Образованието е темелот на секое општество. Најмногу се исплати инвестицијата во знаењето, изјава на Бенџамин Френклин.

СДСМ секогаш бил и ќе биде на страната на наставниците, бидејќи со поддршка на наставниците и со инвестиции во квалитетно образование, инвестираме во подобра иднина за сите.

24.01.2025 - 11:47

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега