СДСМ: Вдомувањето на роднини на ВМРО-ДПМНЕ во општинската администрација тече без застој

„Трендот на вдомување на партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивни блиски роднини во општинската администрација и во јавните претпријатија, тече без застој“. Ова го потенцираше во своето денешно обраќање Стефани Радовановиќ, портпарол на ОО СДСМ Прилеп.

„Во ЈКП „Водовод и канализација“ во моментов се актуелни огласи за 5 нови работни места. Едното од нив, „Советник за односи со јавност“ е резервирано за координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и заменичка на градоначалникот, Ирена Стерјовска-Локвенец. Да потсетиме, Стерјовска-Локвенец е долгогодишна членка на Советот на општина Прилеп и поранешна директорка на прилепскиот Дом за стари лица, каде за своето работење заработи кривична пријава.

Ако директорот на „Водовод и канализација“ секојдневно се жали на лошата финансиска состојба и на големите трошоци кои ја доведуваат во прашање ликвидноста на претпријатието, тогаш која е потребата од измислување ново работно место? Која е воопшто реалната потреба од вработување лице за односи со јавност, прв пат од постоењето на јавното претпријатие?

По која логика за советник за односи со јавност се вработува лице со завршен Економски факултет, кое нема никаква допирна точка со новото работно место? Конечно, колку пари и работни места и’ се потребни на Ирена Стерјовска-Локвенец, за да конечно каже „Доста е“?

Со решение за вработување на неопределено време, во „Водовод и канализација“ ќе се скраси и Дејан Лашкоски, брат на вечната пратеничка на ДПМНЕ, Ане Лашкоска“, истакна портпаролката на ОО СДСМ Прилеп.

Оние кои подзаборавиле ќе ги потсетиме дека братот на Лашкоска, 5 години беше неизвршен директор во прилепскиот Тутунски Комбинат од каде замина со отпремнина од 17.000 евра, а извесен временски период помина и во Управниот одбор на Јавното претпријатие „Студенчица“.

Но ова не се и единствените функционери на ВМРО-ДПМНЕ за кои другарот на градоначалникот Борче Јовчески, директорот Игор Гулабоски покажа загриженост, додава Радовановиќ.

19.08.2022 - 13:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега