Опозициската СДСМ денеска излезе со тврдење дека сите нивни предупредувања од изминатиот месец се обистинуваат. Според партијата, одбивањето на дијалог од страна на власта не е случајно, туку дел од поширок и опасен план кој вклучува населување на мигранти и целосна партизација на државата пред евентуални избори.

„Планот на Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не беше за дијалог ниту за реформи. Станува збор за смислено сценарио за распишување на веќе договорени предвремени избори, а потоа мигранти за пари. Сценарио во кое сите институции се заробени во канџите на власта, а Македонија намерно се држи во изолација, за да течат криминални тендери“, обвинуваат од СДСМ во партиското соопштение.

Од „Бихаќска“ предупредуваат дека демократијата е под сериозен удар, а правосудството е целосно ставено под чизмата на извршната власт со цел да се обезбеди неказнивост за функционерите.

„Целосно е окупиран правосудниот систем – воспоставена е контрола врз обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, обвинители премиерот ги нарекува ‘медиокритети’ а не сака да им се извини, се носат измени на Кривичниот законик за спас на функционерите на власт… Целта е целосна контрола и заштита на криминалот и корупцијата“, се наведува во реакцијата.

СДСМ е дециден дека нема да дозволи укинување на Техничката (Пржинска) влада. Според нив, власта инсистира на нејзино укинување не заради функционалност, туку од страв дека опозициските министри ќе го откријат криминалот.

„Власта не ја сака Техничката влада затоа што влезот на министри од опозицијата значи увид во злоупотребите и во целиот коруптивен систем што го воспостави. Со оглед на тоа дека Антикорупцискиот тим на СДСМ веќе започна со објавување на сериозни афери, постојат уште многу работи кои се кријат од очите на граѓаните“, велат од СДСМ.

Партијата заклучува дека Техничката влада е единствениот преостанат механизам за фер изборен процес.

„Техничката влада мора да остане, затоа што таа претставува последна институционална линија на одбрана од злоупотреба на најважното демократско право – слободната волја на граѓаните во изборниот процес. Секој обид за нејзино укинување во вакви услови е директен напад врз демократијата и слободните избори“, порачуваат од опозициската партија.

Exit mobile version