Половичната мерка на Христијан Мицкоски за намалување на ДДВ на горивата од 18% на 10% доцни и нема да има значителен ефект – горивата повторно ќе поскапат, а граѓаните речиси нема да почувствуваат олеснување. Во изминатите три недели, додека Мицкоски не преземаше активни чекори, цените на горивата драстично пораснаа – дизелот се зголеми за вкупно 21 денар, а денеска се очекува ново поскапување од дополнителни 4 до 6 денари. Ова го велат од опозициската СДСМ преку соопштение за јавноста.
-Задоцнетата реакција на Владата граѓаните ги чини скапо – над 4,5 милиони евра повеќе се платени за гориво, а во меѓувреме се активираше спиралата на поскапувања на хрната. Денес веќе гледаме дека маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, а цените на овошјето и зеленчукот постојано растат и веќе се над 100 денари за килограм. Очигледно владата на Мицкоски избегнува суштински решенија за намалување на цените затоа што ги штити бизнис интресите на ВМРО кои профитираат од високите цени. Реалноста е дека цените растат, платите не се зголемуваат, а Владата на Мицкоски нема план ниту пак сака нешто да преземе. Тоа ќе значи зголемување на сиромаштијата, празни фрижидери и намалување на стандардот на граѓаните, велат од СДСМ.
Додаваат дека СДСМ повторно бара Владата веднаш да ги прифати предложените мерки кои вистински ќе донесат до намалување на цените и ќе им помогнат на граѓаните: намалување на ДДВ на горивата на 5%, намалување на акцизите за 4 денари, 0% ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цените на патарините.

