„Граѓаните и патниците се изложени на ризик, Македонија изгледа несериозно пред светот, а институцијата која треба да биде симбол на професионализам е сведена на партиска филијала.“

Ова денеска го изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, обвинувајќи дека расипаниот радар во Контролата на летање на скопскиот аеродром е последица на партизацијата и неспособноста на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Кузеска посочи дека секој авион што слетува во Македонија сега зависи од импровизации, бавни процедури и надворешни радари од соседни земји. „Ова не е само технички дефект, ова е резултат на насилното вдомување на партиски кадри во една од најважните институции за безбедноста,“ рече таа.

Таа нагласи дека власта била глува на предупредувањата на контролорите дека опремата е на работ на функционалноста, иако новото раководство ветило инсталација на целосно нов систем. „Тоа не се случи,“ додаде портпаролката.

„Наместо решенија, ВМРО-ДПМНЕ ја претвори Македонската навигација во плен за партиски вработувања и договори за ‘своите’. Денес резултатот е јасен: граѓаните се во опасност, Македонија изгледа несериозно, а институцијата е партиска филијала,“ изјави Кузеска.

Таа истакна дека моделот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ создава корупција, неработење и колапс, како што, според СДСМ, се случува и во здравството, образованието и јавните претпријатија.

СДСМ прашува кој ќе ја преземе одговорноста за расипаниот радар и до кога безбедноста на граѓаните ќе зависи од импровизациите на власта.

„Граѓаните гледаат и паметат. СДСМ ќе продолжи да се бори институциите да се вратат на професионалците и на граѓаните, затоа што само така можеме да изградиме безбедна и сигурна Македонија,“ порача Кузеска. – Скопје1.мк

Leave A Reply

Exit mobile version