Социјалдемократскиот сојуз излезе со остри критики по најавата за новиот ребаланс на буџетот, оценувајќи дека државната каса се крои непречено и неодговорно на штета на граѓаните. Според нивните реакции, корекциите со кои се намалуваат приходите и расходите за околу 86 милиони евра, а капиталните инвестиции се кратат за дури 93 милиони евра, се јасен доказ за неспособноста на власта и за доцнењето на сите клучни проекти.
Од партијата алармираат дека ова е втор ребаланс за само четири месеци, при што дефицитот останува на ниво од 4,1 процент од БДП, а најавите за ново задолжување на домашниот и странскиот пазар само ја продлабочуваат финансиската криза.
„Министерката вели криза и намалени давачки за горива. Блискиот Исток гори и пред првиот ребаланс. Кризата не се појави вчера и овој ребаланс не е поради горивата затоа што тие чинат едвај 60 милиони евра додека ефектот од намалување на ДДВ е нула. Парите за пат, училиште и болница се сечат. Парите за кредит не се сечат. До крајот на годината се најавува нова граѓанска обврзница. Финансирањето се затвора на домашен пазар. Следната година еврообврзница, со камата над 6 проценти. Кредит за да се плати кредит. Тоа не е развој. Тоа е должничко ропство.“
Според опозицијата, за две години владеење долгот на државата е зголемен за загрижувачки 4 милијарди евра. Тие тврдат дека до крајот на годинава земјата ќе се задолжи за уште 250 милиони евра, додека дупката во ПИОМ надминува една милијарда евра.
„За две години арамијата го зголеми долгот за околу 4 милијарди евра. Повеќе од половина од долгот од независноста. До крајот на годината уште 250 милиони. Дупка во ПИОМ околу милијарда. Секоја недела нова хартија. Каматата расте. Сметката ја плаќа граѓанинот.“
Во однос на социјалната политика и проценките на Владата за животниот стандард, од СДСМ тврдат дека официјалните пресметки за владината кошничка од 60.000 денари за четиричлено семејство се целосно нереални, бидејќи синдикалната кошничка е за над 10.000 денари повисока, а со кирија достигнува речиси 90.000 денари.
„Потрошувачката кошничка не ја полни процентот на раст на „третата економија“, туку цените што граѓаните секојдневно ги плаќаат. Нема мерки за граѓаните. Има проекти за туѓ интерес. Дата-центар, хардвер за туѓа дигитализација, струја на грб на народот. Антимон, руда за муниција, пет милиони за дупка, Гета чинеше 5,53. Цените отидоа до плафон затоа што на почетокот на кризата не се реагира. Граѓанинот плаќа двапати: еднаш на пумпа, вторпат на рата за кредит. Светска банка потврди дека не сме трета економија туку на ниво на една третина од европскиот стандард и 17 години во стапица. Статистиката не го полни фрижидерот.“
На крајот од реакцијата, од опозициската партија порачуваат дека Буџетот што се менува секој месец не претставува стабилна економија, а сметката за лошите политики на крајот ќе ја платат оние кои ја доведоа државата во ваква состојба.


