Во Кривичниот суд во Скопје вчера продолжи судењето на Стојанче Јовановски за смртта на неговата сопруга Ивана и ќерка Катја, кои на 2 март скокнаа од тераса.
Сведокот Мартин Саздов одговараше на прашања во врска со обвинетиот Стојанче и сега починатите Ивана и Катја.
Од тој датум кога починаа, како животот да ми застанал. Немам мотив за живот – рече Саздов, кој во 2021 го запознал Стојанче во Противпожарната, каде што се вработиле.
-Додека се дружевме, Ивана ја гледав како сестра, како најдобра другарка. Престанавме да се дружиме кога дознав дека се гледал со девојката со која се гледав јас, со мојата девојка, потоа се оттргнав од него. Со Стојанче не зборувавме, не се гледавме. Мислам дека беше август 2025 година, ми се јави Ивана во 1 по полноќ со плачење и ми рече – „извини што ти ѕвонам олку касно, немам на кој друг да се јавам, јас со Катја сум пред Штип, може ли да дојдеш да нè земеш, Стојанче нè исфрли од кола“ – сведочеше Саздов.
-Ивана плачела, цела расоблечена, искубана, модра, двете плачеле со Катја. Не сакала да се врати ни кај Стојанче, ни да оди кај мајка си.
-Се обидов да ја смирам, ја прашав што се случило. Таа го промашила патот и Стојанче се изнервирал и почнал да ја тепа. Катја ми кажа дека ѝ ја удирал главата на Ивана од потпирачот на седиштето за раката помеѓу двете седишта, Катја покажуваше кон потпирачот дека ѝ ја удирал главата на Ивана. Видов модринки на главата и на рацете кај Ивана, целата беше искубана и исплашена. Ивана ми кажа дека ги исфрлил од автомобилот како партали и им викал курви, курви мали, на Ивана и на Катја. Со клоци ја шутирал и ѝ реков на Ивана да не зборуваме веќе на таа тема, да се смират, па потоа ќе зборуваме – раскажуваше сведокот во судницата.
-И пред мене ја има тепано. Му викав, немој да ја тепаш, не е убаво. Ама бев со врзани раце и не можев ништо друго да направам – рече Саздов.
Нагласи дека по настанот во Штип, се здружиле многу со Ивана и ѝ кажала дека сака да се разведе. Ја тепал Ивана пред Катја, ја малтретирал.
-Мартин, не го знаеш каков е, психопат е, ќе нè убие. Не можам веќе да издржам, не знам што да правам – му рекла Ивана на Мартин, тој се обидел да ја смири.
Ја носеле Катја во игротека заедно со Ивана, во Зоолошка, на лулашки, во „Џамбо“. Ја шетале Катја цело време. Сакал да им биде убаво, но таа му рекла дека не го знае, дека ќе ги убие и двајцата. Тој ѝ рекол да не се секира, има институции. Таа му рекла дека се чувствува сигурно и смирено со него. Почнале љубовна врска.
-Се шетавме со Ивана на кеј, Стојанче нè следел, излезе пред нас. Стојанче ја извади ташничката и сакаше да се тепа со мене. Му реков да зборуваме смирено. И ти си излегувал со две мои девојки со кои излегував јас додека се дружевме заедно, реков. Потоа отидовме во Автокоманда. Ме праша од каде сум знаел дека се гледа со две мои девојки. Имавме заеднички другар, а Стојанче му кажал нему. Се видовме со него тој другар и се расправавме, се завлековме, разговаравме со повисок тон… Се залета со неговото возило и директно во моето возило од левата страна во пределот на двете врати, потоа дојде полиција, јас не сакав да го пријавам. Му реков дека нема да го пријавам. Ми се јавија потоа, мајка ти е во болница на Кардиологија, бргу отидов таму – посочи Саздов.
-Му кажав на Стојанче дека ја засакав Ивана, нема што да лажам и да кријам. Стојанче само ја навредуваше Ивана кога тројцата се видовме да разговараме. Стојанче викаше, да, сакам да се спасам од оваа ку*ва, вели Саздов.
-Стојанче и Ивана рекоа дека сакаат да се разведат. Стојанче рече вие двајца правете што сакате. Додека се гледавме со Ивана, Стојанче нè следел цело време и нè пријавил во ПС Ѓорче Петров дека сум му се заканувал преку социјалните мрежи. Заедно со Ивана отидовме во ПС Ѓорче Петров и ми кажаа дека Стојанче ме пријавил дека сум му се заканувал, ме пријавил за закани. Дека наводно сум сакал да го убијам. Јас кажав дека тоа не е точно и им го дадов телефонот на вештачење – рече Саздов.
Посочи дека Стојанче се гледал со друга жена во тој период.
-Стојанче нè посочува мене и тебе дека сме го наместиле со дрога, некаде пред Нова година беше тоа, јас ѝ реков на Ивана да не се секира. Повторно почнавме да разговараме на телефон. Ја прашав каде должи пари, првин не сакаше да ми каже, ја замолив, почна да плаче и ми рече – Стојанче ја натерал да извадат од нејзината кредитна картичка околу четириесет илјади денари, не знам дали од кредитната или точно од каде ја натерал да извади пари, јас ѝ реков ајде да одиме да платиме, таа не сакаше да земе пари од мене – сведочеше Саздов.
-Неколку дена пред 2 март Ивана ми кажа сè што се случувало тој период меѓу нив откога Стојанче мислеше дека сме го наместиле со дрога. Ивана ми кажа дека секоја вечер кога Стојанче ќе си дошол дома издрогиран, ја тепал пред Катја, се заканувал, јас тоа не го знаев, таа ми го кажа тоа пред 2 март. Неколку дена пред 2 март се видовме и беше целата во модринки. Ја молев да си оди кај мајка ѝ. Таа ми викаше само сакам да си го вратам дарот, станот – сведочеше Саздов.
Кобниот ден Саздов заедно со Ивана, Катја и Стојанче, се качиле до станот, Ивана да земе некои работи за да оди кај мајка си. Додека ја чекале да се спакува, им рекла дека сака да ја остават малку да одмори. Стојанче и се заканувал цело време, таа ја заклучила вратата. Им се јавила на телефон со камера, Саздов видел дека е на тераса со Катја и и рекол немој да направиш глупост, па слушнал тресок.


