Само еден „ер трактор“ е во функција, другите два ги поправаат механичари од Шпанија

 


Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) моментално располага само со еден функционален „Ер трактор“ авион од трите кои ги поседува, информираше за МИА директорот на ДЗС Џеват Селами.

Како што посочи Селами, пред три дена биле повикани механичарите од Шпанија и ги поправиле авионите, но следниот ден се појавил истиот проблем.

– Едниот авион треба да се сервисира, а другиот авион го поправивме пред три дена во Прилеп кога оперираа два авиони. Ги повикав механичарите од Шпанија, тие ги поправија авионите и истиот ден работеа, но пак се појави истиот проблем. Моментално само едниот авион е во употреба, а за другиот мора да почекаме до утре да видиме каква ќе биде состојбата дали ќе може да лета или не, рече Селами.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, пак, во изјава за МИА вели дека во моментов нема потреба од дополнителни летала. Едниот функционален „Ер трактор“, како што рече Ангелов, моментално се користи превентивно за гаснење на пожарот во прилепско.

– Денес користиме превентивно еден „Ер трактор“ во прилепско и немаме потреба од други летала. Пожарот не е тежок, но страв ни е да не ни излезе од контрола, бидејќи брзо се суши вегетацијата, рече Ангелов.

09.09.2024 - 14:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега