Здружението на вработени во секторот игри на среќа “САКАМ ДА РАБОТАМ” смета дека е неосновано да се користи Меѓународниот ден на младите за да продолжи кампањата за оцрнување на легалните игри на среќа и да се врши притисок врз институциите, со истражување од пред две години.

„Со внимание ги имаме анализирано овие податоците од истражувањето ЕСПАД 2024, кои ги реобјави ХЕРА Млади. Се согласуваме дека е загрижувачки што се јавуваат податоци каде малолетници изјавуваат дека играле игри на среќа. Клучното прашање е зошто нема податоци дали тие играле на онлајн платформи преку интернет или евентуално со физичко присуство, бидејќи во легалните објекти на казината и автомат клубови никој нема да ги пушти да влезат, а не да играат!
Вредно е да се напомене дека во истражувањата не е направен целосен опфат. Имено, нема податоци колку малолетници се соочиле со искушенијата да конзумираат алкохол и никотин. Кога веќе се бројат легалните објекти за игри на среќа, дежурните критичари нека избројат колку кафеани има на познатата “Боемска улица” во Центар, непосредно до, но и во самиот двор на едно основно училиште. Зарем, учениците не се во опасност што секојдневно се соочуваат со кафеанските обичаи? Зарем излозите на кафеаните и тобаката не се исто “заразни” како што тврдат дежурните критичари за игрите на среќа? Зошто двојни аршини?
Ние, вработените во овој сектор, меѓу кои има и родители на малолетници, одговорно тврдиме дека во легалните казина и автомат клубови се спроведува законот 100 проценти. Жалиме што не се гледаат далекусежните последици од барањата за целосно затворање на легалните игри на среќа. Искуствата од соседството укажуваат дека легалните објекти ќе бидат заменети со диви играчници по подруми, каде државата ќе нема никаква контрола, а младината ќе биде навистина загрозена.
Ние сме подготвени на претставници на невладиниот сектор и медиумите да им организираме посета на автомат клубови и казина и самите да се уверат дека малолетници не можат да влезат во легални објекти. Подготвени сме со аргументи да докажеме дека сме во право“, стои во соопштението од Сакам да работам.