Спасувачките екипи во Хрватска водат интензивна потрага по двајца португалски државјани кои исчезнаа синоќа во морето, откако претходно од водата живи беа извлечени млада жена и маж.
Капетанијата на пристаништето Сењ и МРЦЦ Риека ја започнаа спасувачката операција во 4:40 часот изутрината, а водената маса и брановите од три метри ја отежнуваа акцијата. Во близина на островот Крк е пронајден само празниот чамец со кој тие пловеле.
Едното спасено лице е девојка лоцирана во Бутињскиот залив, која веднаш е пренесена во Нови Винодолски, додека вториот преживеан е пронајден кај ’ртот Главина.
„Од четирите исчезнати лица, досега се пронајдени две лица – млада жена која била пронајдена во морето во Бутињскиот залив, транспортирана во Нови Винодолски и предадена на службите за итна медицинска помош. Другото лице е маж кој бил пронајден жив во морето во близина на ’ртот Главина и е предаден на службите за итни случаи“, потврди капетанот Ненад Бугарин.
Според информациите од капетанот, повредената жена им пренела на спасувачите дека уште едно лице се наоѓало на околу 20 минути од нејзината локација, но теренските проверки засега не резултираа со негово наоѓање. Акцијата за пронаоѓање на другите двајца мажи е во тек.


