САД: Имаме информации дека Русија крои планови за инвазија на Украина

САД тврдат дека имаат информации оти Русија подготвила група оперативци за спроведување тајна лажна операција (т.н. false flag operation, што означува напад на сопствените сили со намера да се добие изговор за вистинската цел) за да си отвори можност за инвазија на Украина, изјави американски официјален претставник за Си-ен-ен.

Неименуваниот функционер објаснил дека САД имаат докази оти оперативците обучени за урбана војна и употреба на експлозиви ќе вршат саботажи насочени кон руските сили.

Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, рече дека Министерството за одбрана има веродостојни информации што укажуваат дека Русија предложила група оперативци да спроведе операција организирана да изгледа како напад врз нив или врз луѓе што зборуваат руски во Украина за да се создаде причина за потенцијална инвазија.

Ова доаѓа по соопштението на украинското Министерство за одбрана, во кое се наведува дека руски специјални служби подготвуваат провокации против руските сили во обид да ја поткопаат Украина.

Советникот за национална безбедност, Џејк Саливан, го навести ова за време на брифингот со новинарите во четвртокот.

„Нашата разузнавачка заедница има информации дека Русија поставува основа за можност за измислување изговори за инвазија“, рече Саливан додавајќи дека ваквата стратегија е веќе видена во 2014 година.

Украинското Министерство за одбрана денеска соопшти: „Воените единици на земјата агресор и нејзините сателити добиваат наредба да се подготват за такви провокации“.

Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, негира дека Москва се подготвува за провокации во Украина.

„Сите тие изјави досега се неосновани и со ништо не се потврдени“, рече Песков.

Американскиот официјален претставник, пак, за Си-ен-ен тврди дека ваквите акции од руска страна би можеле да почнат набргу.

„Руската војска планира да ги почне овие активности неколку недели пред воената инвазија, која би можела да почне помеѓу средината на јануари и средината на февруари“, рече претставникот.

САД исто така тврдат дека влијателни луѓе во Русија почнале да ја подготвуваат и охрабруваат руската јавност за интервенција.

„Ова вклучува сè порадикален наратив за кршење на човековите права во Украина и милитантни пораки за украинските лидери“, наведуваат американските служби.

14.01.2022 - 22:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега