Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за „Би-Би-Си“ јасно стави до знаење дека Алијансата како организација не е вклучена во тековните воени операции против Иран.
„Не, ова е очигледно кампања предводена од Америка и Израел“, одговори Руте на прашањето дали силите на НАТО ќе бидат директно вклучени.
Тој додаде дека сојузниците и регионалните партнери се соочуваат со „неселективни напади“ од страна на Техеран и дека го прават она што е во нивна моќ во рамките на дадените околности.
Европа стои зад Вашингтон
И покрај тоа што НАТО не учествува директно, Руте нагласи дека постои целосно политичко единство меѓу Европа и САД кога станува збор за иранската закана.
„И Европа апсолутно ги поддржува САД, Иран е закана за Европа. Европа навистина го засилува својот ангажман по операциите во Иран за време на викендот“, истакна тој.
Во однос на дилемите дали британскиот премиер Кир Стармер задоцнил со дозволата за користење на британските бази за одбранбени цели, Руте објасни дека „правните прашања“ мора да бидат прецизно решени пред да се даде какво било одобрение.
Координација зад затворени врати
Иако одби да открие дали однапред бил информиран за деталите на американско-израелските напади, Руте потврди дека комуникацијата меѓу Брисел и Вашингтон е постојана.
„Не зборувам јавно за такви детали. Сепак, имав многу разговори со американски претставници и Вашингтон и НАТО тесно се координираат“, изјави генералниот секретар.
Конфликтот се шири: Регионот на работ на бездната
Ситуацијата на теренот дополнително се усложнува. По првичните напади на САД и Израел, Техеран возврати со беспилотни летала и ракети, а во судирот активно се вклучи и Хезболах од јужен Либан.
Поради ескалацијата на насилството и возвратните удари на Израел врз позициите на Хезболах, голем дел од западните земји веќе упатија итни повици до своите граѓани веднаш да го напуштат Либан.

