Руските напади го оставија Покровск без вода и гас

Руските напади го прекинаа снабдувањето со гас и вода во градот Покровск во областа Донецк, изјави денеска украинскиот гувернер Вадим Филашкин, а пренесува „Киев индипендент“. Источниот фронт кај Покровск е место на жестоки борби и фокусна точка на руската офанзива во регионот на Донецк во последните месеци. Градот е важен логистички центар за украинските сили.

Властите на Покровск ги повикаа жителите да се евакуираат на 15 август откога руските сили пристигнаа на 10-ина километри од периферијата на градот.

Модуларната филтрациска станица, која го снабдуваше Покровск со вода, престана да работи поради тековните борби во областа.

„Во моментот е невозможно да се продолжи со работа. Работиме на решавање на овој проблем“, рече Филашкин. Еден ден претходно, Филашкин рече дека руските сили уништиле пумпа што го снабдувала Покровск со гас.

До почетокот на септември во Покровск престојуваа речиси 26.000 луѓе. Во јануари 2022 година градот имал приближно 60.000 жители.

Како што се влошува безбедносната ситуација, железничката станица во Покровск беше затворена за евакуација на цивили на почетокот на овој месец. Сега почнуваат евакуации од железничката станица во Павлохрад во регионот Днепропетровск, град што се наоѓа на 100-ина километри западно од Покровск.

 
12.09.2024 - 10:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега