Амбасадата на Руската Федерација во Македонија денеска реагираше на обвинувањата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за постоење пропагандна мрежа во земјава која дејствува во функција на руските интереси. Од Амбасадата ги отфрлаат обвинувањата и тврдат дека, и покрај испратеното дипломатско барање, досега не добиле одговор од македонските институции.
Реакцијата следува по соопштението на АНБ од 1 октомври, во кое Агенцијата информираше дека открила мрежа од псевдопортали преку кои се ширеле дезинформации, се поткопувала довербата во институциите и се поттикнувала етничка и национална нетрпеливост.
Од Руската амбасада наведуваат дека веднаш по објавувањето на информациите се обратиле до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, барајќи средба на рускиот амбасадор со раководството на Министерството и АНБ за да добијат појаснувања за изнесените обвинувања.
„За жал, до денес не само што не е одржана средбата, туку не е добиен ниту одговор на соодветната нота на Амбасадата“, се наведува во реакцијата.
Руската дипломатска мисија категорично ги отфрла тврдењата за поврзаност на Русија со ширење пропагандни материјали и го оспорува квалификувањето на активностите што се предмет на истрага како „проруски хибридни активности“.
„Решително ги отфрламе неоснованите обвинувања против нашата земја за ширење пропагандни материјали, кои, како што се тврди во соопштението на АНБ, имале за цел да ‘се поткопува довербата во институциите’ и ‘се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост’“, наведуваат од Амбасадата.
Во реакцијата се споменуваат и односите на Македонија со Европската Унија. Од Амбасадата сметаат дека обвинувањата кон Русија претставуваат обид за префрлање на одговорноста за проблемите во односите на Македонија со дел од нејзините потенцијални партнери од ЕУ.
Од руската дипломатска мисија порачуваат дека и натаму очекуваат официјални разјаснувања од македонските институции.
АНБ, пак, во соопштението од 1 октомври информираше дека на 18 септември, во координација со МВР и Основното јавно обвинителство, биле преземени истражни дејствија против македонски државјанин осомничен за поврзаност со странски фактори и пропагандна мрежа.
Според Агенцијата, при претресот во неговиот дом биле одземени предмети за дополнително вештачење, а истрагата се однесува на сомневања за предизвикување национална, расна и верска омраза, одавање службена тајна и ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем.
АНБ тогаш соопшти дека мрежата користела клонирани портали со македонски интернет домени, поврзани со регионални проруски политички структури, преку кои, според Агенцијата, се ширеле дезинформации и се поткопувале евроинтегративните процеси на земјата.

