Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, престојувал во Москва каде што имал разговори со претставници на руските разузнавачки служби, потврди денеска Кремљ. Содржината на разговорите засега останува тајна.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, соопшти дека Ретклиф не се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин, но дека Путин бил информиран за резултатите од контактите на шефот на ЦИА со руските служби.

„Можам само да кажам дека имаше контакти преку специјалните служби“, изјави Песков, без да открие за кои теми се разговарало. Тој додаде дека во моментов не се планирани нови средби со американски претставници на ниво на Кремљ.

Посетата на Ретклиф не беше претходно најавена од американските власти. Според податоците од сервисите за следење летови, американски воен авион C-17 во вторникот пристигнал во Москва од Рига, а неколку часа подоцна ја напуштил руската престолнина. ЦИА и Белата куќа првично не ја коментираа посетата.

Песков оцени дека контактите меѓу разузнавачките служби на двете земји сами по себе се позитивни и дека ваквите канали на комуникација функционираат и во најтешките периоди во односите меѓу Москва и Вашингтон. Сепак, според него, прерано е да се заклучи дека посетата може да доведе до пошироко подобрување на руско-американските односи.

Посетата доаѓа во период на високи тензии меѓу двете нуклеарни сили поради војната во Украина, но и поради случувањата околу Иран. Американските и руските разузнавачки структури и во претходните години одржуваа директни контакти и во периоди кога политичките односи беа практично замрзнати.

Ова е прва позната посета на директор на ЦИА на Москва по ноември 2021 година, кога тогашниот шеф на агенцијата Вилијам Барнс отпатува во Русија непосредно пред почетокот на руската инвазија врз Украина.

Exit mobile version