Полицијата уапсила 61-годишен маж од село во општина Маврово и Ростуше, откако било пријавено дека ја заклучил својата сопруга во семејната куќа, физички ја нападнал и ѝ се заканувал.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 25 август, а полициски службеници од Полициското одделение Ростуше интервенирале околу 19:30 часот.
Во куќата ја пронашле 49-годишната жена, која била ослободена од полицајците. Нејзиниот 61-годишен сопруг бил лишен од слобода, приведен и задржан во полициска станица.
Од МВР соопштуваат дека по целосно документирање на случајот против мажот ќе биде поднесена соодветна пријава.


