Европската унија се подготвува за промена на начинот на кој ќе ги прима идните членки. Наместо досегашниот модел во кој земјата кандидат со години ги исполнува условите, а придобивките од членството главно ги добива на крајот од процесот, Европската комисија најавува постепена интеграција, помал простор за блокади и посилни механизми за заштита на владеењето на правото.
За Македонија, која повеќе од две децении е на европскиот пат, промените потенцијално би можеле да бидат значајни, но засега не ја отстрануваат главната пречка за продолжување на преговорите – исполнувањето на условите од преговарачката рамка од 2022 година.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос вчера во Загреб најави дека Европската комисија подготвува нов пристап за Унијата да биде подготвена за следниот бран проширување.
„Светот се промени и проширувањето мора да се промени заедно со него“, порача Кос.
Што всушност предлага Брисел?
Од досега најавеното се издвојуваат четири големи промени.
Првата е постепена интеграција. Наместо кандидатите да чекаат до полноправното членство за да добијат пристап до дел од европските политики и придобивки, тие би се вклучувале чекор по чекор, паралелно со реформите.
Тоа значи дека земја која напредува би можела порано да стане дел од одредени европски програми, политики или делови од единствениот пазар, без формално да биде полноправна членка. Европската комисија и сега ја применува постепената интеграција преку Планот за раст за Западен Балкан.
Втората промена се однесува на начинот на одлучување во самата ЕУ. Унија со повеќе од 30 членки би била уште потешка за управување доколку секоја држава може сама да блокира голем број одлуки. Затоа се разгледуваат механизми со помалку можности за поединечни вета и пофлексибилно одлучување.
За Македонија ова е особено чувствително прашање по долгогодишните билатерални блокади во процесот на пристапување. Но најавите на Кос не значат дека веќе е донесена одлука со која ќе исчезне можноста земја членка да го блокира пристапниот процес.
Третата промена е воведување посилни гаранции дека земјата, откако ќе влезе во ЕУ, нема да назадува во демократијата и владеењето на правото.
Кос употреби и необично остра формулација – Унијата мора да биде сигурна дека нема да прими „тројански коњи“, ниту денес ниту по 10 или 20 години. Идејата е да постојат посилни механизми со кои ЕУ би можела да реагира доколку некоја нова членка по приемот почне да ги прекршува основните европски принципи.
Четвртиот дел се преодни механизми со кои би се заштитиле постојните членки од евентуални економски, финансиски или други нарушувања по приемот на нови држави.
Сали: Позитивен сигнал за Македонија
Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали најавите од Брисел ги оценува како позитивен сигнал.
Според него, македонските институции се во редовна комуникација со Европската комисија и ги следат сигналите за тоа како ќе се развива идниот процес на проширување.
„Нашите институции се навремено информирани и се адаптираат на потребите и пораките кои ги даваат дипломатите и институциите од Европската комисија“, рече Сали.
Тој сепак признава дека новите правила сè уште не се дефинирани.
„Сè уште ниту еден официјален документ или разговор нема во аспект на новите критериуми, како би изгледала новата фаза. Ние сè уште работиме на агендата која треба да ја завршиме во 2028 година“, изјави Сали.
2028 не е датум за членство
Споменувањето на 2028 година, сепак, не значи дека Македонија има ветување дека тогаш ќе стане членка на ЕУ.
Станува збор за временската рамка кон која Владата ги насочува домашните реформи и подготовките. За членство е потребно да бидат отворени и затворени преговарачките кластери и поглавја, да се постигне договор за пристапување и тој да биде ратификуван од сите земји членки.
Европската комисија во 2025 година оцени дека прием на нови членки до 2030 година е реална можност, но Македонија тогаш беше ставена меѓу земјите со „мешана“ оценка за напредокот. Како конкретна пречка беше наведено дека земјата сè уште не ги направила потребните уставни измени.
Македонија сè уште стои пред отворањето на кластерите
Македонија ја одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ во јули 2022 година, а скринингот на европското законодавство беше завршен во декември 2023 година.
Следниот чекор треба да биде отворање на првиот кластер – „Темели“.
Но, според заклучоците на ЕУ од 2022 година, пред тоа треба да бидат усвоени уставните измени со кои Бугарите и другите заедници би биле внесени во Уставот. Европската комисија и во 2026 година повтори дека Македонија треба да ги исполни преземените услови за да продолжи процесот.
Токму тука е разликата меѓу реформа на проширувањето и промена на условите за Македонија. Новиот европски модел може да го направи процесот побрз, постепен и помалку подложен на блокади во иднина, но засега нема официјална одлука со која се менува веќе договорената македонска преговарачка рамка.
Македонија веќе добива дел од придобивките пред членството
Дел од новата филозофија на постепена интеграција всушност веќе функционира.
Преку Планот за раст за Западен Балкан, земјите од регионот добиваат финансиски средства и постепен пристап до делови од европскиот единствен пазар во замена за конкретни реформи.
До јули годинава Македонија добила 142,1 милиони евра од Инструментот за реформи и раст, според Европската комисија.
Токму овој принцип – повеќе реформи, повеќе европски придобивки уште пред формалното членство – треба да стане еден од столбовите на новиот пристап.
Шанса за Македонија, но не и автоматско забрзување
Ако Европската комисија успее да изгради модел со постепена интеграција и помалку можности за блокирање, Македонија би можела да биде меѓу земјите кои имаат најголем интерес од таква промена по долгогодишните застои на европскиот пат.
Но, новиот механизам нема автоматски да ја внесе земјата во следната фаза.
Брисел и натаму инсистира дека проширувањето ќе остане процес заснован на индивидуални заслуги, а владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционалните институции ќе стануваат уште построги услови, а не полесни.
Затоа клучното прашање за Македонија ќе биде двојно: дали Европската унија навистина ќе успее да создаде процес со помалку политички блокади и дали Скопје ќе успее доволно брзо да ги исполни реформските и политичките услови за да ја искористи новата шанса за проширување.


