Македонија припаѓа на европското семејство и земјата е многу поблиску до таа цел отколку што се претпоставува, оцени денеска евроамбасадорот Михалис Рокас. На конференцијата „30 години на европскиот пат“, тој истакна дека за последниот чекор е потребно политичко обединување и одлучност.
Рокас се осврна на изминатите две децении, признавајќи дека покрај високиот ентузијазам, имало и падови.
„Во изминатите 20-25 години надежите и ентузијазмот беа високи, но исто така имаше и неуспеси и разочарувања во текот на годините и прашањето е како можеме да ги надминеме прашањата и да одиме напред бидејќи нема соменвање дека Македонија припаѓа на европското семејство и, всушност, сме многу поблиску отколку што мислиме“, рече Рокас.
Тој потсети дека ЕУ е најзначајниот економски партнер на државата, посочувајќи дека 75 отсто од извозот оди во Унијата, а две третини од странските инвестиции доаѓаат од земјите членки. Амбасадорот го спомена и Планот за раст на Западен Балкан како значајна финансиска помош од 6 милијарди евра.
„Бидејќи и покрај растечкиит број на разочарани граѓани, според најновите анкети на јавното мислење, повеќето сепак го поддржуваат приклучувањето кон ЕУ и оти тоа е единствен начин да се оди напред. Ова ни дава чувство на одговорност бидејќи ние мора да испорачаме“, истакна Рокас.
Според него, патот напред е веќе одлучен во 2022 година и клучно е започнувањето на преговорите за да се промени моментот на доверба.
„Многу значајно е да се почнат преговорите бидејќи кога ќе почнете да преговарате, тоа го менува моментот, верувањето дека секој е во линија да ги испорача своите цели“, додаде тој, нагласувајќи дека Унијата нема да дозволи „црни дупки“ на континентот.
Амбасадорот Јован Теговски од Дипломатскиот клуб предупреди дека бавниот напредок носи ризици од замор од реформи и зголемување на скептицизмот кај граѓаните.


