Романската полиција трага по две млади лица, на возраст од 18 и 21 година, кои се осомничени дека во текот на летото го продале своето тринеделно бебе за 7.000 евра, а с парите купиле автомобил.

Во исто време, Судот во Горж нареди апсење на 47-годишен маж кој, според обвинителството, го купил бебето од младиот пар и се претставувал како негов татко.

Обвинителството за борба против организиран криминал и тероризам соопшти дека против 47-годишниот маж е покренато барање за притвор под сомнение за трговија со малолетници, давање лажни изјави и учество во фалсификување службени документи.

„Осомничениот платил 7.000 евра за детето на младиот пар и лажно изјавил дека му е татко“, се вели во соопштението.

Според истрагата, мажот ги убедил родителите да му го предадат бебето во август 2025 година. Тој потоа лажно изјавил во матичната служба дека е татко на детето, по што таа изјава била внесена и во изводот од матичната книга на родените.

Осомничениот потоа, со помош на нотар, се обидел да добие пасош за бебето за да го изнесе од земјата. Службата за издавање пасоши во Горж му издала пасош врз основа на фалсификуваните документи.

При претрес на куќата на 47-годишниот маж, полицијата го пронашла бебето, кое веднаш било преземено од надлежните служби. Обвинителството соопшти дека мажот е уапсен, додека потрагата по родителите е во тек.

Exit mobile version