Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, порача дека актуелната енергетска и економска криза е една од најголемите во поновата историја, додавајќи дека Владата при носењето на мерките приоритет им дава на заштитата на животниот стандард и стабилноста на економијата.
Отфрлајќи ги критиките дека мерките не се доволни, Ристески истакна дека Македонија во моментов има најниски цени на горивата во регионот. Според неговите зборови, намалувањето на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти веќе дава конкретни резултати на терен.
Со оваа мерка на дневна основа заштедуваме од 250 до 350 илјади евра на граѓаните, директно во нивниот џеб. Најмногу се троши дизел и околу 70 проценти од граѓаните и економијата функционираат со ова гориво. Само по таа основа заштедата е околу 250 илјади евра дневно, а кога ќе се додадат и бензините, заштедата достигнува и до 350 илјади евра. Ако се пресмета за периодот на важност на мерката, вкупната заштеда за граѓаните би била околу 3 до 4 милиони евра за два месеца – истакна Ристески.
Тој нагласи дека Владата има капацитет да се справи со последиците од кризата и оти мерките се носат по детални анализи и координација меѓу повеќе институции, со цел да не се запре со капиталните инвестиции.
Дополнително, Ристески презентираше податоци според кои литар бензин БС-95 во земјава се продава за 99 денари, додека дизелот чини 104,5 денари, што е значително поевтино во споредба со земјите од регионот како Албанија, Грција, Србија, Хрватска и други. Заменик-министерот најави дека институциите остануваат подготвени за нови мерки доколку нестабилноста на светските пазари продолжува.


