Општина Илинден целосно ја реновираше спортската сала „Гоце Делчев“ во населеното место Илинден, со што објектот доби современи, пофункционални и побезбедни услови за спортистите, младите и љубителите на спортот.
„Реновирањето се реализираше по речиси две децении активно користење на салата, со повеќе градежни и технички интервенции насочени кон подобрување на нејзината функционалност, безбедност и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.
Во рамки на проектот целосно е саниран паркетот, со негово стругање и нанесување три слоја специјален заштитен лак отпорен на гребење и пролизгување. Дополнително, теренот е повторно обележан за различни спортски дисциплини.
Обновени се ѕидовите и таваните, а трибините се бојадисани и опремени со нови седишта. Поставена е и нова заштитна ограда, заменет е гумираниот под, а реновирани се и соблекувалните.
Во рамки на реконструкцијата се бетонирани стопи и поставени метални елементи за монтажа на мобилни столбови за одбојка, со што се создаваат подобри услови за тренинзи и натпревари во повеќе спортови.
Како дел од модернизацијата на салата, претходно биле заменети и старите металхалогени рефлектори со современи ЛЕД-светилки. Новото осветлување обезбедува подобра видливост, но и значително поголема енергетска ефикасност.


