Почнува реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје, проект вреден 92,7 милиони денари без ДДВ, со кој се предвидува подобрување на условите за пациентите и медицинскиот персонал, како и зголемување на енергетската ефикасност на објектите.

Од Министерството за финансии информираат дека е потпишан Договор за грант со Министерството за здравство за реализација на под-проектот „Реконструкција на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје со мерки за енергетска ефикасност“.

Проектот ќе се реализира преку Проектната единица при Министерството за финансии, со грант средства обезбедени од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и со инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри. Предвидено е поставување термичка изолација на фасадите и крововите, замена на дотраената столарија со енергетски ефикасна, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и поставување современо LED-осветлување.

Дополнително, ќе се модернизираат системите за греење и ладење со инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори. Со тоа ќе биде заменет досегашниот систем за загревање на мазут, што се очекува да придонесе за намалување на потрошувачката на енергија и трошоците за функционирање на клиниката, но и за намалување на негативното влијание врз животната средина.

Од Министерството за финансии посочуваат дека проектот е дел од пошироките активности за подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и модернизација на јавната здравствена инфраструктура.

Со реконструкцијата се очекува клиниката да добие посовремени и пофункционални услови за работа, како и поквалитетна средина за престој, третман и лекување на пациентите.

Exit mobile version