Потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, најави крупни реформи во железничкиот сообраќај по потпишувањето на нов грант-договор со Светска банка, насочен кон модернизација и финансиско стабилизирање на државните железнички претпријатија.

Проектот предвидува изградба на нови пруги, обнова на возниот парк и создавање на функционален систем кој ќе одговори на економските потреби.

„Имаме јасна визија за комплетна промена на железничкиот сообраќај. Ако наследивме претпријатија на раб на пропаст и пред банкрот, сега имаме карго сообраќај кој бележи сериозен раст, имаме раст на број на патници, имаме крупни инвестиции во изградба на нови пруги, водиме политика на развој на железницата како срцевина на економијата“, истакна Николоски.

Финансиската поддршка од меѓународната институција е наменета за конкретни организациски промени во досегашната структура на претпријатието.

„Договорот кој е во износ од еден милион евра треба да даде поддршка во реформата во преструктурирање на МЖ Транспорт со цел созадавање на функционално претпријатие“, појасни министерот.

Според презентираните податоци, во првите четири месеци од оваа година се забележани позитивни статистички поместувања во однос на капацитетите на железницата.

„Оваа година имаме позитивни бројки во првите четири месеци во секторот железници. Имаме раст и во бројот на превезени патници и она што е особено значајно имаме сериозен раст на карго сообраќајот“, нагласи тој.

Како дел од пошироката стратегија за развој, во тек се и паралелни преговори со други финансиски партнери за набавка на нови влечни средства.

„Паралелно ќе одиме и со набавка на возови, да се обнови флотата, нешто што е особено значајно. Паралелно со една друга финансиска институција веќе потпишавме договор за набавка на електрични локомотиви, коишто многу значат во делот на развој на карго сообраќајот. Треба да се купат најмалку пет електрични локомотиви“, заклучи Николоски.

Exit mobile version