Разнесена клучна брана кај Херсон, го снабдува Крим со вода: Наредена итна евакуација

Украинската јужна оперативна команда рано утринава извести дека руските сили ја разнеле хидроцентралата Каховка. На социјалните мрежи се споделуваат видеа од наводната експлозија и масата на вода што се прелева над остатоците од браната.

Руските власти ја демантираат информацијата и тврдат дека видеата се лажни.

„Се е тивко и мирно. Ништо не се случува“ – изјави за РИА Новости градоначалникот на Нова Каховка, Владимир Леонтиев.

Подоцна, пак, рече дека од гранатирањето бил уништен само горниот дел од хидроцентралата, но дека браната на акумулацијата не е уништена.

„По уривањето на хидроцентралата низводно, нивото на водата порасна за 2,5 метри, службите се на терен“ – додаде тој.

Хидроцентралата Каховка се наоѓа на пет километри од Нова Каховка во регионот Херсон. Уништувањето на браната може да резултира со смрт на илјадници луѓе, пишува руската државна агенција РИА.

Леонтиев тврдеше дека евакуацијата на населението од градот не е неопходна, но дека можеби ќе треба да ги евакуираат населбите лоцирани низводно – Корсунки и Днепар, како што прецизираше.

„Ќе бидеме подготвени, доколку треба, да извлечеме луѓе. Но, нема да има катастрофа“ – увери тој.

Браната висока 30 метри и долга 3,2 километри е изградена во 1956 година на реката Днепар како дел од хидроцентралата Каховка. Содржи резервоар кој го снабдува со вода Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, и нуклеарната централа Запорожје, која исто така е под руска контрола.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе одржи итен состанок, објави на Твитер секретарот на Украинскиот Совет за национална безбедност и одбрана Олексеј Данилов.

Руската новинска агенција Тас, повикувајќи се на итните служби, јавува дека 80 населени места би можеле да бидат погодени од поплави.

Оштетувањето на браната може да доведе до проблеми со снабдувањето на Крим, изјави прорускиот градоначалник на Нова Каховка.

06.06.2023 - 09:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега