Ратко Дуев: Ако ја задржевме кадровска и финансиската автономија, денеска ќе имавме вистинска автономија

Во пресрет на изборот на прв човек на најголемиот Универитет во Македонија, Универитетот Свети Кирил и Методиј, Прес 24 постави идентични прашања за сите шест канодати за иден Ректор. Низ одговорите на канидатите на прашањата, јавноста ќе може да изгради свој став за нивните ставови, размислувања, позиции и идеи.

Д-р Ратко Дуев е Редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Роден е 1970 година во Велес. Дипломирал (1998) и магистрирал (2003) на Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2000  е избран за помлад асистент, а во 2004 е избран за асистент. Во 2010 е избран за доцент, а во 2015 г. за вонреден професор. Од 2020 г. е редовен професор при Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје.

ПРЕС24: Како го оценувате развојот на Универзитетот  „Св. Кирил и Методиј“ во последните три децении независност  на државата?

ДУЕВ: Со осамостојувањето на Македонија во 1991 г. се случија големи промени кои наметнаа нова етапа во развојот на високото образование. Во август 2001 г. е донесен новиот Закон за високо образование, нови правила на студирање и воведен е Европскиот кредит трансфер систем во согласност со т.н. „Болоњски процес.“ Глобализацијата неминовно го зафати и високото образование. Идејата од средниот век, кога латинскиот јазик бил универзален јазик на високото образование, за студентите „скитници“ кои можеле постојано по своја волја да ги менуваат универзитетите и професорите ширум Европа, беше земен како идеал и почеток на универзалното високо образование базирано на мобилност на наставниците и студентите, универзална наука и настава. Главната грешка на нашата држава беше изборот на моделот на високо образование базирани врз партиципација, школарини и половично приватизирање на јавните универзитети. Наместо да се избере грчкиот или словенечкиот модел, каде државата ги финансира додипломските студии и студентите кои се запишуваат според селекција и приемни испити, што како мали држави сфатија дека не можат да ги воведат моделите на големите и развиените земји, базирани на конкурентност меѓу нивните бројни универзитети. Започна нелојална конкуренција, се отворија приватни универзитети, кои за разлика од УКИМ, се во сосема поинаква положба кон државата. Положбата на УКИМ беше особено влошена бидејќи со реформите државата престана целосно да го финансира, се воведоа државни и приватни квоти (според светските стандарди), всушност делот од државата се префрли на товар на родителите на студентите. Можеби малкумина знаат дека државата само ги покрива платите на професорите и соработниците (и тоа не 100%), а сите останати трошоци за одржување на инфраструктурата, научните истражувања, мобилноста итн., самите факултети на УКИМ. Всушност положбата е многу тешка, бидејќи висините на сите партиципации и квоти, уписната политика и конкурсот ги одредува МОН, без да се води грижа за трошоците по студент за различните студиски програми на факултетите. Честите промени на законите, зависноста од бројот на студенти секако имаа негативен ефект врз УКИМ. Дополнителното отварање на нови јавни универзитети без претходна анализа на статистичките податоци за падот на наталитетот и засилените миграции на населението дополнително ја влошија состојбата во високото образование.  На пример: во учебната 2011/2012 година 25.758 ученици завршиле средно училиште, а во 2022/2023 во почетокот на учебната година се запишани 16.519 ученици во четврта година.  Ако земеме предвид дека дел од учениците нема да положат државна матура или нема да го продолжат своето образование, бројот на потенцијални студенти ќе биде помал. Во академската 2021/2022 вкупно во прва година се запишале 13.434 студенти на сите јавни и приватни универзитети во државата, од кои 5.345 студенти на УКИМ. Распишани се конкурси за прием на нови студенти за 27.000 слободни места!?

ПРЕС24: Дали УКИМ денеска го заслужува епитетот најдобар Универзитет во Македонија?

ДУЕВ: Секако и денес УКИМ е најдобриот Универзитет во нашата држава според сите рангирања и според неговиот придонес во развојот на институциите на државата, образованието и стопанството. Нема држава во светот која може да се гордее дека за 10 г., од основањето на УКИМ во 1949 и формирањето на факултетите до 1956 г. заокружила создавање на универзитет со сите научни области. Со голема посветеност, професорите во тешки околности успеале да ја изградат клучната државотворна институција. Да не заборавиме дека Универзитетот и денес е столб на државотворноста и високото образование како во минатото, бидејќи одредени научни области, како на пример градежништво, се изучуваат само на УКИМ. Најголемиот дел од наставниот кадар на останатите универзитети е составен од лица кои своите научни звања ги стекнале на УКИМ.

ПРЕС24: На што се должи континуираниот пад на довербата и на се пониското рангирање на УКИМ на светските листи на универзитети?

ДУЕВ: Падот на рангирањето е комплексен проблем што зависи од многу параметри. Јас велам дека ако ги анализирате многубројните проблеми со кои се соочува Универзитетот во своето функционирање и добро сме рангирани. Нема инвестиции во науката, нема капитални инвестиции за обновување на старите згради и современа научна инфраструктура, ниски плати, нема поддршка за издавање на научни публикации. Главниот проблем е недостигот од млад научен кадар. За споредба на Универзитетот во Белград, кој е рангиран меѓу првите 500 на Шангајската листа на универзитети во светот, само на Филозофскиот факултет во Белград, покрај постојните 255 наставници и соработници, во последните 4 години се вработени 143 млади истражувачи. Секако бројот на вработени кои се вклучени во научноистражувачка работа пропорционално се одразува и на рангирањето на светските листи. Исто така и многуте законски пречки кои го „задушуваат“ слободниот проток на иновации, идеите, академската размена, влијаат на овој негативен тренд. Затоа треба да изградиме систем кој ќе ја „ослободи“ научноистражувачката дејност на професорите, бидејќи инвестицијата во науката многукратно ќе и се врати на државата. Најмногу поени во рангирањето носи бројот на професори добитници на Нобеловата награда. Дали ние имаме најсовремена научна инфраструктира и услови да создадеме научник или уметник достоен за Нобелова награда?

ПРЕС24: Кои според Вас се клучните пропусти направени изминатите три децении?

ДУЕВ:Клучни пропусти се што во изминатите три децении Универзитетот постепено ја изгуби финансиската и кадровската автономија. Потоа честите измени на Законот за високо образование го парализираа работењето на Универзитетот. Најголем дел од активностите на единиците на УКИМ беа насочени кон анализи, расправи, измени и донесување на правни акти неопходни за нивното секојдневното работење. Остварени беа голем број средби со претставници на министерствата за да се решат големиот број недоречености и противречности во начинот на финансирање на Универзитетот и застарениот модел на распределба на буџетските средства за плати на вработените. Но состојбите во високото образование не се променија. Ниските примања на наставниците, соработниците и вработените во администрацијата ги направија работните места непожелни за младите лица. Дотраените згради, застарената научна инфраструктура, условите за студентите, придонесоа голем број од матурантите да го започнат своето студирање да го започнат на странски универзитети. Парадоксално дури 80 % од вкупниот буџет за наука во државата (скромни 0.1 %) се издвојува за стипендии за студирање на престижни светски универзитети наместо да се вложува во сопствените научни капацитети. Иако УКИМ е најголемиот универзитет во државата тој процентуално добива најмалку капитални инвестиции за градежни работи и опрема.

ПРЕС24: Дали политиката го деградираше образованието, или универзитетските професори политичари ја деградираа политиката?

ДУЕВ: Вистината е секогаш на средина. Проблемот во нашата држава е што ние заборавивме дека образованието е основниот столб на општеството и неговиот напредок, чија круна е високото образование. Како продекан и декан во период од 8 год. соработував со 8 министри за образование и наука. Тоа јасно укажува дека ние како држава немавме и сѐ уште немаме јасна визија во кој правец да го движиме образованието. Како интелектуалци ние секогаш се обидувавме да укажеме на одредени пропусти или пак грешни стратегии со цел да изградиме подобар систем адаптиран на нашата средина според сопствената традиција и култура. За жал нашите предлози и критики најчесто беа сметани за политички мотивирани, „тенденциозни“ или злонамерни од страна на политичките елити. Иако целта беше критиките да бидат во функција на подобрување на образовните реформи, секогаш следеа оркестрирани силни напади за омаложување на професорите и Универзитетот што го уриваше нашиот углед во јавноста, а особено меѓу младата популација, несвесно уривајќи ги институциите на државата кои се нејзини основни столбови. Клучната грешка е што ние дозволивме да ја изгубиме кадровската и финансиската автономија, иако декларативно во сите досегашни закони за високото образование како прв член стоеше дека автономијата на универзитетите е безрезервно загарантирана. Каква е таа автономија? Понатаму ниските примања на наставниците ги направија зависни од обезбедување на дополнителни финансии и нивно вклучување од страна на владеачките гарнитури во разни комисии, одбори, тела, изработка на стратегии и сл. Доколку ја задржавме кадровската и финансиската автономија ние денес ќе имавме вистинска автономија, што ќе се одразеше и на квалитетот на високото образование.

ПРЕС24: Исплатливо ли е да се биде Универзитетски професор?

ДУЕВ: Приходите и платите на професорите и вработените во администрацијата останува најголем проблем во нашето општество. Ниските плати и намалувањето на дополнителните примања, потребата од постојано инвестирање во сопствениот професионалниот развој во голема мера го отежнуваат работењето на Универзитетот. Во останатите степени на образованието, од 2006 г. до 2022 г. платите на вработените беа покачени за 85%, а во високото образование за наставниот кадар 27% и 12% за администрацијата. Во изминатиот период беа одржани многу состаноци со претставници од Владата за надминување на проблемите во финансирањето на високото образование. Синдикалните организации направија чекор кон решавање на овој проблем, но сè уште не се решени проблемите со финансирање. Ниските примања ги направија работните места неaтрактивни за нашите талентирани студенти. Голем дел од вработените асистенти и вработени во администрацијата поради повисоки плати преминаа да работат во други институции и компании. Надеж дава потпишаниот Kолективен договер на Синдикатот на УКИМ кој треба да се применува од 2024 г. На секој иден ректор приориотет во работата мора да му биде решавање на овој проблем, бидејќи во спротивно Универзитетот ќе се соочи со постепено губење на човечкиот ресурс и негово згаснување. Потребно ни е научен подмладок, но како да ги привлечеме најдобрите студенти доколку примањата на еден асистент изнесуваат 29.000 денари, под просечната плата во државата?

ПРЕС24: Што за Вас, како иден Ректор е топ приоритет ?

ДУЕВ: Приоритети во мојата програма се подделени во 4 столба: 1. обезбедување на капитални инвестиции за градежни работи и опрема за да создадеме убави просторни услови, да обезбедиме современа опрема за лаборатории, современи предавални, современи материјали и средства за сите единици со што ќе привлечеме поголем број од најдобрите средношколци за студирање на УКИМ; 2. подобрување на на научната инфраструктура на единиците преку обезбедување административна поддршка за аплицирање на проекти и обуки за подготвка на голем дел од наставниците самостојно да можат да аплицираат на разни програми, електронски библиотеки на научни публикаци, унапредување на иновациите во научно-истражувачкта работа на УКИМ; 3. Зголемување на примањата на вработените на Универзитетот, барање решенија за итно вработување на нови наставници и соработници; 4. Зголемување на поддршката на спортски и културни активности на студентите, подобрување на инфраструктурата за студентите со попреченост, подигнување на студентскиот стандард.

ПРЕС24: Можни ли се реформи на високото образование и каков модел е најсоодветен?

ДУЕВ: Многу пати истакнував во минатото дека за да имаме успешни реформи во високото образование потребно е да обезбедиме национален конзесус прифатен од сите политички чинители во државата. Тогаш може да се направи национална стратегија и акциони планови кои нема да зависат од промените на власта во државата и промена на министрите за образование и наука. Како што напоменав, како мала држава најдобро е да го прифатиме моделот на Словенија или Грција со што во голема мера ќе се надминат многубројните проблеми со кои се соочувавме во минатото.

ПРЕС24: Какви релации ќе градите со институциите на државната власт во однос на потребата од јакнење на инвестициите во научната сфера?

ДУЕВ: Мотото на мојата програма е „Ректор на УКИМ, наместо ректор на ректоратот!“. Должноста на ректорот во име на сите единици на Универзитетот да преговара со институциите на државната власт и да постави рокови за решавање на проблемите и за зголемување на инвестициите во науката. Но и нереално е да се очекува дека во ова ново време во кое живееме, кога државата едвам се справува со последиците од пандемијата, војната во Укранина и големата економска криза, нешто може радикално да се промени. Затоа паралелно мора да се работи на меѓународни научноистражувачки проекти за обезбедување на финансии со административна поддршка за аплицирање на проекти и обуки и подготовки на наставниците самостојно да можат да аплицираат на разни програми. По пример на најдобро рангираните универзитети во светот, мора да се води и засилена кампања за подигање на општествената одговорност и обезбедување донации. Високото образование е приоритет во секоја развиена земја. Триаголникот држава – високо образование – заедница е симбол за успешен развој и напредок при што општествено одговорни компании инвестираат огромни финансиски средства во универзитетите за згради, современа опрема за лабoратории, истражувачки центри, хабови, паркови за висока технологија и сл. Особена улога во оваа кампања ќе има Центарот за дијаспора за поврзување со компании и фондации основани или раководени од наши иселеници и преку базата на алумни за привлекување на донатори.

ПРЕС24: Што мислите за систем на саморегулација кај професорите на УКИМ во поглед на етичките, моралните и академнските критериуми?

ДУЕВ: Живееме во време кога некогаш најголемата титула „Професор“ е изедначена со секоја друга професија, веќе не е позив туку обична работа. Латинскиот збор professor, e изведен од глаголот profiteor, „изјавувам слободно, проповедам, исповедам“, во минатото означувал најучен учител, повеќе од magister, a титулата се употребувала во религијата. Титула на највисокиот свештеник кој проповеда, исповеда и учи, со појавата на универзитетите станува титула на врвниот учител што слободно и јавно поучува и проповеда наука. Титулата „Професор“ е нашето бреме. Таа означува човек кој покрај врвно знаење мора да ги поседува сите доблести, сета virtus, што стреми кон врвно добро, разборитост, справедливост, чесност, сочуство, солидарност. Тие вредности тој треба да ги пренесува на младите поколенија но и „слободно да ги изјавува и проповеда“ во пошироката јавност за подобар свет и услови за живот. Универзитет има Етички кодекс и комисија која се грижи за неговото почитување. Потоа секоја година се прави и самоевалуација на наставниците. Студентите имаат и студентски правобранител за да ги штитат своите права. Универзитетот има систем за саморегулација, а останува на денешните генерации студенти да не потсетуваат доколку некој професор сѐ уште не ја разбрал тежината и етичката вредност на неговата титула и се однесува спротивно на вредностите која таа како круна ги надвисува над него.

21.05.2023 - 10:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега