Најновиот извештај на Регистарот на цени и закупнини за четвртиот квартал од 2025 година покажува значително заживување на пазарот на недвижности во Македонија. Регистрирани се вкупно 9.283 трансакции, што е за 964 повеќе во споредба со претходниот квартал. Од нив, 1.004 се новоизградени станови, а дополнителни 27.522 објекти се во фаза на градба.
Највисоката цена за метар квадратен е евидентирана во општина Центар.
„Во овој квартал најголема постигната цена на стан по метар квадратен е од 182.404 денари, односно во висина од 246.171 евра за вкупна површина од 83 метри квадратни кој се наоѓа на територијата на административна општина Центар“, стои во извештајот на Агенцијата за катастар на недвижности.
Според обемот на продажба, Аеродром останува лидер со 304 продадени станови, додека Битола доминира кај куќите со 91 продажба. Центар е на врвот кај деловниот простор (31 единица), а Ѓорче Петров кај градежното земјиште.
Извештајот нотира и сериозна пазарна поларизација. Додека во Центар и Аеродром има стотици трансакции, во општини како Пласница, Вевчани и Центар Жупа бројките се едноцифрени. Истовремено, податоците на Народната банка потврдуваат дека недвижностите на годишно ниво поскапеле за околу 25 проценти.


