Членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска изнесе тешки обвинувања на сметка на поранешните обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), повикувајќи се на јавното сведоштво на нивната поранешна колешка Лејла Кадриу. Според Манасиевски, СЈО функционирало како алатка на СДС и Зоран Заев, а клучните обвинители Ристоска и Бубевски биле „Алфа и Омега“ во спроведувањето на партиските насоки.
Манасиевски цитираше делови од сведоштвото на Кадриу, во кое се тврди дека на 30 декември 2015 година, во просториите на СЈО незаконски биле преземани материјали директно од Зоран Заев и Радмила Шекеринска.
„Ристоска, Бубевски, Фетаи и Стефановска ги преземале овие пријави од Зоран Заев без никаков записник, што е спротивно на законите и отвора сомнеж за веродостојноста на доказите“, истакна Манасиевски.
Од партијата дополнително обвинуваат дека Гаврил Бубевски добивал насоки за предметите преку четири различни телефони од надворешни структури, додека Ленче Ристоска се обидува да се прикаже како жртва во амбицијата да стане државен јавен обвинител.


