Рускиот претседател Владимир Путин денеска одржа состанок со постојаните членови на Советот за безбедност на Русија, на кој се разговараше за реакцијата на Москва по повод најавените нуклеарни вежби на САД. Путин ја оцени ситуацијата како „сериозно прашање“, пренесуваат руските медиуми.

Тој изјави дека Советот за безбедност „ги анализирал изјавите дадени во владејачките кругови на САД“, по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за продолжување на нуклеарните тестови.

– „Русија ќе биде принудена да преземе соодветни мерки доколку потписниците на Договорот за сеопфатна забрана на нуклеарни тестови одлучат да ги обноват тестирањата“, рече Путин, додавајќи дека Москва „нема намера да се повлече од овој договор“.

Во меѓувреме, рускиот амбасадор во САД, Александар Дарчиев, испратил телеграма до Москва во врска со разјаснување на изјавите на Трамп.

Загриженост околу ситуацијата изрази и претседателот на Државната дума, Вјачеслав Володин, кој рече дека пратениците се „сериозно загрижени“ поради најавата за обновување на американските тестирања на нуклеарно оружје.

Истовремено, американската Врховна команда за глобален удар соопшти дека денеска е извршен тест на невооружената интерконтинентална балистичка ракета „Минутмен III“ од воздухопловната база „Ванденберг“ во Калифорнија.

Тестот, означен како GT 254, имал цел да ја потврди „сигурноста, оперативната подготвеност и точноста“ на системот за интерконтинентални балистички ракети (ICBM), кој, според соопштението од базата, претставува „клучен елемент на националната одбрана на САД“.

Exit mobile version