Сопственикот на барот во швајцарското скијалиште Кран-Монтана, во кој за време на новогодишна забава загинаа 40 лица во пожар, е пуштен на слобода откако судот одлучи да му го укине притворот.

Како што соопшти судот во Сион, во швајцарскиот кантон Вале, Жак Морети е пуштен на условна слобода. На него му се изречени строги мерки на претпазливост, меѓу кои предавање на личните и патните документи, забрана за напуштање на земјата, обврска секојдневно да се јавува во полиција, како и плаќање кауција.

Судот наведе дека на сметката на обвинителството се уплатени 200.000 швајцарски франци, средства за кои се тврди дека потекнуваат од блиски пријатели на Морети. Истите услови, според судската одлука, важат и за неговата сопруга Џесика.

Според првичните резултати од истрагата, пожарот избувнал за време на новогодишната забава во барот „Le Constellation“, откако прскалките ја запалиле пената на таванот, што довело до исклучително брзо ширење на огнот низ објектот.

Во трагедијата животот го загубија 40 лица, меѓу кои и голем број малолетници. Вкупно 116 лица беа повредени, од кои 80 се здобиле со тешки изгореници.

Exit mobile version