Компанијата ТикТок соопшти дека постигнала договор со кој ѝ се овозможува на популарната апликација за кратки видеа да продолжи да функционира во Соединетите Американски Држави, со што се става крај на долгогодишната неизвесност околу нејзиниот статус на американскиот пазар.
Договорот доаѓа по повеќегодишниот спор меѓу Вашингтон и Пекинг, кој започна за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп, кога беше направен обид за забрана на апликацијата поради загриженост поврзана со националната безбедност и заштитата на податоците.
Според претходно усвоените законски одредби, ТикТок требаше да биде забранет во САД во јануари 2025 година доколку неговиот кинески сопственик ByteDance не ги продаде американските операции на домашни инвеститори. Сепак, Трамп во повеќе наврати ја одложуваше примената на законот за отстранување на апликацијата.
ByteDance соопшти дека го финализирал договорот за формирање заедничко вложување со мнозинско американско сопствеништво, што ќе овозможи податоците да се чуваат и обработуваат во САД и ќе ја спречи забраната на апликацијата. Компанијата наведува дека новиот модел ќе обезбеди заштита на податоците на американските корисници, како и на апликацијата и алгоритмите, преку засилени мерки за приватност и сајбер-безбедност, иако не беа објавени детални информации за процесот на издвојување.
Американскиот претседател Доналд Трамп го поздрави договорот преку социјалните мрежи, наведувајќи дека ТикТок „сега ќе биде во сопственост на група големи американски патриоти и инвеститори, најголеми во светот“. Тој, исто така, му се заблагодари на кинескиот претседател Си Џинпинг за „соработката и одобрувањето на договорот“.
Според договорот, американските и глобалните инвеститори ќе поседуваат 80,1 отсто од уделите во новото заедничко вложување, додека ByteDance ќе задржи 19,9 отсто. Трите главни инвеститори – технолошката компанија Oracle, приватната инвестициска група Silver Lake и инвестициската фирма MGX со седиште во Абу Даби – ќе поседуваат по 15 отсто од уделите.

