Протест против Трамп: Данците ги игнорираат американските производи

 


Гневни од однесувањето на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изрази желба да го купи или освои Гренланд со војската и да го присоедини кон САД, Данците, на кои им се закани со високи царини, ги игнорираа неговите апетити и решија да го бојкотираат купувањето американски производи во знак на национален протест.

Во исто време, новите американски царини, иако неодамна беа намалени на 10 %, уште повеќе го отежнуваат извозот од ЕУ на еден од нејзините клучни пазари. Трамп изјави дека САД треба да ја преземат контролата врз Гренланд, данската територија на која веќе се наоѓаат американските воени бази, во име на националната безбедност. Данските власти решително ја отфрлија оваа идеја, а сега потрошувачите, слично како и Канада, која Трамп наводно би сакал да ја види како 51. американска сојузна држава, го креваат својот глас во несогласување.

„Ова е единствениот начин на кој клиентите може да покажат барем мал знак на протест против Трамп“, изјави Сане, работник во данската трговска мрежа за Си-ен-би-си.

„Ти си крал на САД во моментот, навистина. Преферирам европски производи отколку американски не само поради актуелниот конфликт туку и поради повисоките стандарди, а со оглед на моментната ситуација, тоа ми е уште поважно“, изјави Сања, Австралијка, која живее и пазарува во Копенхаген.

Групацијата „Салинг“, сопственик на синџирот-продавници Fоtex, Bilka и Netto, им олесни на клиентите да ги избегнат американските производи со ставање ѕвезда на цените во повеќе од 1.700 продавници во Данска, Германија и во Полска.

Портпаролот на Salling Group нагласи дека целта не е да се поттикне бојкот на американските производи, туку да се одговори на многуте барања од клиентите, кои бараат појасни информации за потеклото на брендовите.

Сепак, многу клиенти рекоа дека ја поздравуваат оваа иницијатива. „Да, ќе ги избегнувам американските производи. Мислам дека им треба нов претседател“, изјави клиентката Ева.

Бојкотот остави белег и на големите американски брендови. Според истражувањето спроведено од француската агенција Ifop во март, потрошувачите сè повеќе ги заобиколуваат синџирите како „Старбакс“ и „Мекдоналд“ и избегнуваат „кока-кола“. Меѓу најпогодените е „Тесла“, која забележа значителен пад на продажбата во регионот, а некои од нејзините продавници во Германија, Италија и во Шведска беа дури и вандализирани во знак на протест против политичките изјави на Илон Маск.

Јенс Лунд, извршен директор на данската логистичка компанија DSV, изјави за Си-ен-би-си дека ефектите од новите царини веќе се чувствуваат иако вистинската скала ќе биде видлива само со текот на времето.

„Времето ќе покаже како ќе реагираат потрошувачите, на крајот на краиштата, тие го имаат последниот збор“, рече Лунд.

„За поскапите производи, како што се автомобилите, веќе е видлив падот на продажбата“.

Меѓутоа, Лунд предупредува дека бранот бојкот може да биде краткотраен: луѓето, вели тој, бргу се враќаат на своите навики.

„Потрошувачите избираат што е најдостапно. Најдобриот сооднос цена – квалитет сепак одлучува“, додава тој.

Најголемата канадска авиокомпанија, „Ер Канада“, минатата недела објави дека резервациите за летови до САД од април до септември паднале 10 отсто во споредба со минатата година. OAG, аналитичка фирма за воздушен сообраќај, забележа пад на резервациите за летови на релација Канада – САД од дури 70 %.

Тоа го потврдува и заменик-директорот на канадската авиокомпанија „Вестџет“, кој наведува дека сè помалку луѓе ја минуваат границата со Америка бидејќи патниците сè повеќе избираат други дестинации.

Сличен тренд почнува да се забележува и во Европа. Директорот на хотелската групација Accor, Себастиен Базин, изјави за „Блумберг“ минатата недела дека летните резервации од Европа во САД паднале 25 % најмногу поради непријатноста од патување во непозната средина.

11.04.2025 - 12:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега