Спасувачките екипи во Мраморното Море го пронајдоа телото на капетанот Јашар Кајхан, што претставува прва пронајдена жртва во рамките на акцијата за потрага по десетте исчезнати членови на екипажот на турскиот трговски брод „Тугберк Имамоглу“. Бродот потона по судир со танкерот „Алсу“ во близина на Силиври, соопштија турските медиуми, повикувајќи се на Главното републичко обвинителство во Силиври.

Телевизијата НТВ објави дека безживотното тело е лоцирано на околу пет километри од местото на несреќата и е пренесено во пристаништето во Силиври. По извршената експертиза во Институтот за судска медицина во Истанбул, официјално бил потврден идентитетот на капетанот Кајхан.

Потрагата по останатите девет члена на екипажот се одвива со непрекинат интензитет. Во акцијата се ангажирани екипи на Командата на крајбрежната стража, Генералната дирекција за крајбрежна безбедност и Командата на Военоморските сили, додека локацијата на потонатиот брод претходно беше откриена со помош на спасувачкиот брод TCG „Акин“.

Трговскиот брод „Тугберк Имамоглу“, натоварен со градежни материјали и челична ламарина, потона на 2 септември за само 11 минути по судирот на околу 18 наутички милји од брегот на Силиври. Во рамките на истрагата што ја води надлежното обвинителство, досега се уапсени првиот и третиот капетан на танкерот „Алсу“, а за четворица други членови на екипажот е изречена мерка судски надзор.

Exit mobile version