Во Порта Македонија денес ќе биде промовирана поштенската марка „Кедев – 14 највисоки врвови“, издание на АД Пошта – Скопје, посветена на македонскиот кардиолог, доктор на медицински науки и алпинист д-р Сашко Кедев. Во 2025 година тој стана првиот Македонец што ги искачил сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри.
Според соопштението на АД Пошта – Скопје, промоцијата ќе ја одржи директорот за поштенски операции и член на Управниот одбор, Бојан Кереместески, со почеток во 13:00 часот.
Во јули минатата година, Кедев стана првиот Македонец и единствен во поширокиот регион кој ги искачил сите 14 светски врвови над 8.000 метри, откако успешно го освои Гашербрум I (8.080 метри) во Пакистан.
Со овој исклучителен подвиг, како и со претходното освојување на највисоките врвови на сите седум континенти, Кедев се вброи меѓу светската алпинистичка елита. За неговите достигнувања во медицината и алпинизмот, тој е добитник и на високото државно одликување Орден „8 Септември“.

