Во судницата во затворот „Идризово“, денеска продолжува судскиот процес за катастрофалниот пожар во кочаниската дискотека „Пулс“. На денешното рочиште е предвидено да сведочат законските застапници на оштетените во случајот, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

На претходното рочиште, сопственик на соседен авто-лимарски сервис сведочеше за реновирањето на објектот и за случувањата ноќта на пожарот. Одбраната на еден од обвинетите, Александар Нацев, тврди дека тој не бил реален сопственик на фирмата „Рубикон“, ниту одговорно лице.

Обвинителот Борче Јанев во воведните зборови истакна дека овој процес е чекор кон утврдување на личната и институционалната одговорност.

„Не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи. Трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во смртоносна стапица“, порача Јанев.

Сите обвинети, вклучувајќи ги сопственикот Дејан Јованов, поранешните градоначалници на Кочани и екс-министрите за економија, се изјаснија за невини. Тие ја оспоруваат основаноста на обвинението, тврдејќи дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на нивна индивидуална вина.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата „ДНК“. Истрагата покажа дека објектот со години работел без соодветни дозволи и противпожарна заштита.

Exit mobile version