Косово ќе организира предвремени парламентарни избори на 28 декември, по два неуспешни обиди за формирање нова влада. Одлуката денеска ја соопшти претседателката Вјоса Османи во Приштина, по што официјално го распушти Парламентот избран во февруари.
Распуштањето следува откако привремениот премиер Албин Курти и претседателот на Парламентот Глаук Коњуфца – двајцата од движењето Самоопределување – не успеаја да обезбедат мнозинство за составување влада. Иако Самоопределување, партија со прозападна ориентација предводена од Курти, излезе како најголема политичка сила на изборите, сепак не беше во можност да формира функционално парламентарно мнозинство.
Од тогаш, новиот состав на Парламентот беше во целосен застој и не успеа ниту да избере сопствено раководство.
Османи изрази разочарување што Парламентот не бил способен да го усвои буџетот за 2026 година, ниту да ги ратификува петте меѓународни договори во вредност од 1,15 милијарда долари.

