Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, престојува во дводневна работна посета на Атина, каде ќе оствари средби со претставници на највисоките судски институции во Република Грција.
Костадиновски е придружуван од претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, и претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани. Според агендата, предвидени се средби со претседатели и претставници на Врховниот суд, Државниот совет и Ревизорскиот суд на Република Грција, информираа од Уставниот суд.
Посетата има за цел продолжување на дијалогот, унапредување на меѓуинституционалната соработка, како и размена на искуства и информации од областа на владеењето на правото, со крајна цел зајакнување на правната сигурност.
Посетата се реализира од 1 до 3 април, на покана на Сотирос Георгијадис, судија во Апелациониот суд во Атина и времено ангажиран во Специјалната правна служба при Министерството за правда на Република Грција.

