Во Собранието е поднесен предлог за измени на Законот за заштита на децата, со кој се предлага значително зголемување на еднократната парична помош за новороденчиња. Иницијативата е поднесена од независниот пратеник Миле Цеков, кој во парламентот влезе како претставник на ЗНАМ, а подоцна ја напушти партијата.
Според предложените законски измени, еднократната помош за првородено дете се предвидува да се зголеми од сегашните 5.000 на 18.450 денари, додека за второродено дете наместо досегашните 20.000 денари, се предлага да се исплаќаат 36.900 денари.
Предлогот содржи и нова категорија со финансиска поддршка од 52.275 денари, која се однесува на близнаци, како и на трето и секое наредно новородено дете. Целта на измените, според образложението, е обезбедување поголема материјална поддршка за семејствата во услови на зголемени животни трошоци. Законот е во предлог-фаза и за негово стапување во сила потребно е усвојување во собраниската процедура.


