Пред Кривичен се бара правда за „Феликс“: Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство!
Пред Кривичниот суд во тек е протест на кој се бара правда за кучето Феликс, кое беше претепано со метална шипка, а умре по два месеца во агонија, додека во судот се одвива првото рочиште за овој случај.
Активистите најавија поднесување на Иницијатива за измена и дополна на Кривичниот закон до Владата, со внесување на нови прецизно дефинирани категории – нови квалификувани форми на кривично дело мачење на животни.
„Феликс се мачеше 52 дена и умре, затоа што беше мирно бездомно куче кое не се ни обиде да се одбрани или нападне. Кое и покрај сето зло кое му беше нанесено, им веруваше на луѓето кои неполни 2 месеци се бореа за негов живот. Тука сме зошто бараме одговорност и затворски казни за сторителот и соучесниците“, порачаа активистите.
Се додава дека во нашата држава сведоци сме на фрапантни и секојдневни случаи на насилство врз животните, безумие и суровост на начини кои не може а да ги смисли нормален ум, без граници; насилство кое неминовно ескалира, доколку не се препознае и казни соодветно. Тоа се девијантни и непресметани лица околу нас, нашите деца, семејства.
„Држава која не превенира и санкционира, охрабрува насилство! Бараме зголемување на санкциите предвидени со член 233 (Убивање и мачење на животни) особено по правно лице, и воведување на нови, квалификувани форми на извршување на ова дело. Конкретно, покрај зголемување на казните, бараме: 1) воведување на засебно кривично дело: Борби со животни; 2) засебно кривично дело: Напуштање на животни; 3)воведување на засебна безбедносна мерка – Забрана за чување и стекнување животни, која може да се изрече за најтешки случаи на злоупотреба на животни кога околностите на извршувањето упатуваат на опасност од повторување на кривично дело“, појаснуваат активистите, додавајќи дека нивните барања се базираат на успешни европски примери во законодавството, меѓу кои Хрватска, Италија, Франција, Полска.
Протестот го иницираеше здружението „Анима мунди“, а е поддржан и од иницијативата „Зелен хуман град“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа