Предлогот за разрешување и избор на нови членови на Владата официјално пристигна во законодавниот дом, со што и формално започнува собраниската процедура за големата владина реконструкција.

Собранискиот спикер веќе ја закажа клучната седница за 13 јули (понеделник) со почеток во 11:00 часот, каде пратениците ќе треба да го изгласаат новиот кадровски пакет доставен од премиерот.

Со оваа реконструкција, ресорите во Илинденска се целосно поделени, а најголемата промена е воведувањето на нови кадри во виталните сектори, додека функцијата вицепремиер за добро владеење целосно се укинува.

Во прераспределбата, ВМРО-ДПМНЕ го презема ресорот здравство каде нов министер ќе биде Сашо Клековски, додека во социјална политика доаѓа Ѓоко Велковски. Златко Перински заминува во Фондот за здравство, а Иван Стоилковиќ се сели во локална самоуправа.

Коалицијата ВЛЕН се засилува со три ресори — правда каде доаѓа професорот Јетон Шасивари, култура и туризам со Седат Сулејмани и односи меѓу заедниците каде е предложен Агон Ферати, додека Беким Сали останува за европски прашања.

Партијата ЗНАМ ја заменува правдата со ресорот земјоделство каде нов министер ќе биде Борче Серафимовски, додека Демократската партија на Турците станува нов коалиционен партнер и влегува во Владата со министер без ресор.

Exit mobile version