Максимален и вонреден надзор од страна на Државниот пазарен инспекторат ќе биде спроведен врз буквално сите маркети, дистрибутери, добавувачи и производители на храна низ целата држава.

Целта на оваа масовна акција е будно да се провери каде точно се пресметуваат поголеми и неосновани трговски маржи, со цел истите експресно да се намалат и да се спречи вештачкото зголемување на цените.

Властите уверуваат дека ваквиот чекор е неопходен за итна заштита на стандардот на македонските граѓани, по серијата поплаки дека дел од основните прехранбени производи нереално поскапуваат на рафтовите.

„Овој период ќе има максимален надзор од пазарната инспекција. Буквално на сите маркети, дистрибутери, добавувачи и производители за да видиме каде има поголеми маржи и доколку има поголеми, неосновани маржи, да може да се намалат… со цел да не се зголемуваат цените, а со тоа да го заштитиме стандардот на граѓаните“, изјави заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

Ваквите строги контроли се веќе усогласени на вонреден состанок со претставниците на големите маркети, кој се одржа во кабинетот на премиерот, каде е постигнат прелиминарен договор да нема нови ценовни шокови.

Следната фаза од операцијата започнува веќе наредната недела, за кога е закажан уште еден круцијален состанок, но овој пат директно со најголемите увозници и дистрибутери во земјава.

Exit mobile version