Пожарот во Пулс ја проширува истрагата за Ласкарци и тетовската модуларна болница

 

Премиерот Христијан Мицкоски најави проширување на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој за жал загинаа 59 лица, кои вчера беа испратени во вечниот дом, додека повеќе од 160 се повредени и се лекуваат во земјава, регионот и странство.

Мицкоски најави дека ќе има целосно преиспитување, детални и темелни истраги и на трагедиите во тетовската модуларна болница и автобуската несреќа кај Ласкарци. Во своето гостување на телевизија Сител, Мицкоски истакна дека сите аспекти на овие случаи ќе бидат разгледани.

Инаку, Пулс немал хидрантска мрежа, ималo само два ПП апарати, вратата на заедниот дел била затворена и без квака од внатрешната страна, а објектот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. 

 За време на седумдневната жалост што ја прогласи Владата, знамињата се на половина копје, откажани се сите музички, забавни активности и настаните во установите од областа на културата, а прилагодена е и програмата на медиумите. Отворени се книги на жалост во Собранието, во МНР и во македонските амбасади низ светот.

Во трагедијата во модуларната болница во Тетово, на 8 септември 2021 година, во пожар загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти, и двајца кои биле роднини. 

На 10 септември, два дена по пожарот, оставка дадоа министерот за здравство Венко Филипче, заменик-министерот Илир Хасани, директорот на тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор на болницата Артан Етеми.

Во автобуската несреќа кај Ласкарци која се случи на 13 февруари во 2019 година, загинаа 16 лица кога автобус на компанијата „Дурмо турс“ кој сообраќал на релација Скопје-Гостивар, со 51 патник, сите од Гостивар, излетал од автопатот Тетово-Скопје и паднал во провалија откако ја пробил заштитната ограда на автопатот.

21.03.2025 - 08:26

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега