Вкупно 31 пожар на отворен простор се регистрирани изутринава до 07:30 часот. Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), еден пожар е сè уште активен, три се под контрола, а 27 се целосно изгаснати.
Единствениот активен пожар е во Општина Ѓорче Петров, кај селото Грачани, кој моментално се шири и гори шума на територијата на Република Косово.
Под контрола се ставени три пожари. Тоа се пожарот во Општина Сарај кај селото Копаница (нискостеблеста шума и ниска вегетација), во Општина Чучер-Сандево кај селото Брест на местото викано Рамно на Скопска Црна Гора (мешана шума), како и пожарот во Општина Струга, лоциран помеѓу селата Буринец и Локов каде гори нискостеблеста шума.
Пожарникарите успеале целосно да ликвидираат 27 пожари ширум земјата.
На подрачјето на Скопје се изгаснати пожари во Зелениково (над с. Палиград – Преслап), во Градскиот парк во Центар, на улицата „Боца Иванова“ во Бутел, во Визбегово зад хотелот „New Star“ во Шуто Оризари, како и во селото Љуботен.
Во југозападниот и пелагонискиот регион изгаснати се пожари кај депонијата Буково во Охрид, на повеќе локации во Струга (с. Ложани, с. Јабланица и меѓу Октиси и Белица), во Прилеп (зад Факултетот и на потегот с. Дрен – с. Царевиќ), како и во Битола во населбата Стрчин.
Интервенции имало и во полошкиот и североисточниот регион, каде се ликвидирани пожари во Милетино (Брвеница), Стримница и Лаце (Желино), Горна Бањица (Гостивар), Отља (Липково), Лопате (Куманово) и Петралица (Ранковце).
Пожарите се целосно изгаснати и на локации во Маврово и Ростуше (м.в. Голем Брдаш и на планината Бистра кај м.в. Кириловец), во Велес, Струмица (с. Банско) и во Општина Градско (селата Ногаевци и Кочилари).


