Во Охрид денеска официјално беше отворен Дневен центар за стари лица со активно стареење, простор наменет за дружење, рекреативни и едукативни активности, како и за намалување на осаменоста и социјалната изолација на повозрасните лица.

Станува збор за проект реализиран од Општина Охрид, Светската банка и Министерството за социјална политика, демографија и млади, а носител на проектот е Здружението на граѓани ВОПС.

Центарот, што во моментов го посетуваат триесеттина корисници, ќе овозможува различни активности за поттикнување на физичката и менталната активност, зачувување и развивање на индивидуалните способности, стекнување нови знаења и меѓусебно дружење и солидарност. Предвидени се и активности за активно учество на старите лица во животот на локалната заедница, како и меѓугенерациска соработка и поврзување на различни генерации.

На свеченото отворање се обрати градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, кој оцени дека отворањето на Центарот е важен чекор во создавањето похумано и грижливо општество.

Exit mobile version