Повеќе од 50 уметници вечерва и утревечер ќе настапат на сцената на Македонскиот народен театар во новото издание на „Глумците пеат“.
Оваа година програмата е посветена на македонската музика — добро познати песни кои публиката ќе ги доживее во поинакво светло. Форматот ги става актерите во нова улога, каде музиката станува средство за личен израз, а познатите композиции добиваат свежа интерпретација преку соло изведби, дуети и групни настапи.
Меѓу новите имиња кои првпат се дел од проектот се Владимир Петровиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Денис Абдула, Анастасија Трајковска и Катерина Јовановиќ. Тие ќе настапат заедно со веќе етаблираните учесници како Игор Ангелов, Рубенс Муратовски, Весна Петрушевска, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Петар Горко, Сања Арсовска, Катерина Илиевска Силјановска, Калина Наумовска, Марина Поп Панкова, Слаѓана Вујошевиќ, Маја Андоновска Илијевски, Гордана Ендровска, Емилија Мицевска, Трајанка Илиева Велиќ, Нина Деан, Наталија Теодосиева, Тина Трпкоска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Антонио Ташковски и Горан Ников.
Режијата е на Дејан Пројковски, а актерите ќе бидат придружувани од голем оркестар под диригентство на маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите ги потпишува Бобан Мирковски, кореографијата е на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.
„Се радуваме што и годинава публиката ќе може да ја доживее оваа поинаква актерска вечер. ‘Глумците пеат’ е формат во кој актерите не раскажуваат туѓи приказни, туку преку музика откриваат нешто лично. Се пее и се свири во живо, а креативните идеи се раѓаат за време на пробите, што му дава посебна енергија и автентичност на шоуто“, велат организаторите.
Проектот е наследство на Марин Бабиќ, кој го создаде во 1990-тите, а денес продолжува преку неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.
Билетите се достапни преку MkTickets.mk и во книжарниците на Литература.мк.

