Повеќе од 50 илјади жени и девојчиња годишно се убиени од интимен партнер или друг член на семејството, беше истакнато на регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа, која денеска почна во Собранието.
Од конференцијата беше испратена порака дека фемицидот не смее да се третира како изолиран или приватен семеен проблем, туку како крајна точка на подолготрајно родово базирано насилство кое често било игнорирано или недоволно препознаено.
Според податоците изнесени на настанот, во 2024 година глобално биле регистрирани 83 илјади убиени жени и девојчиња, од кои околу 50 илјади биле убиени од партнер или член на семејството. Тоа е во просек по 137 жени и девојчиња дневно.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска оцени дека во регионот има напредок во законската рамка, но остануваат проблемите со различните дефиниции, фрагментираните податоци и нееднаквата примена на законите. Таа нагласи дека превенцијата зависи од тоа институциите навреме да ги препознаат ризиците и координирано да реагираат.
На конференцијата беше посочено дека Македонија во изминатите години го зајакнала законскиот пристап кон родово базираното насилство, вклучително и преку измените на Кривичниот законик во 2023 година.


